• сабота, 23 ноември 2024

Истражување за 20 години КОМЗ: уникатен модел за односи меѓу етничките заедници 

Истражување за 20 години КОМЗ: уникатен модел за односи меѓу етничките заедници 

Скопје, 28 март 2024 (МИА) – Комитетот за односи меѓу заедниците (КОМЗ) денеска промовираше истражување објавено во двојазична публикација по повод 20 години од формирањето како тело во состав на Собранието чија улога во постконфликтна Македонија беше да изгради доверба меѓу различните етникуми и  да ги унапредува нивните односи.

Изданието содржи седум препораки за КОМЗ – треба да има поголема присутност, административна служба, посилна институционална меморија, помало влијание на политички партии во негова работа и ротирачки претседател, а не на четири години. 

Комитетот има 19 членови - седум Македонци, седум Албанци и по еден член од помалите етнички заедници застапени во уставот - турската, српската, бошњачката, ромската и влашката.  Произлезен од Охридскиот рамковен договор, одлуката за негово основање е донесена во 2002, а законот во 2007 година. 

Според проф. д-р Ризван Сулејмани, поранешен пратеник од ПДП кој учествувал во создавањето на ова собраниско тело, со работата на Комитетот во изминатите две децении не е целосно операционализиран член 12 од Уставот од кој произлегува неговата надлежност. Според него, Комитетот не е на ниво како што била замислата зашто имало години кога воопшто не се одржани седници и во сите години во изминатите две децении не работел со ист капацитет и интензитет.

Токму затоа и публикацијата за јубилејот од постоењето е насловена „Комитет за односи меѓу заедниците: 20 години (не)искористени можности и предизвици“.

-Комитетот за односи меѓу заедниците мора да биде повидлив, да биде во постојано заседание и да ги следи сите активности што ги тангираат етничките заедници во земјава за да може превентивно да делува, а не отпосле зашто така е доцна, истакна Сулејамни, според кого Комитетот е најсоодветно место за дебатирање и по актуелното прашање за уставни измени.

Сулејамни, кој е еден од авторите на истражувањето, заедно со д-р Ана Чупеска и д-р Рубин Земон, се осврна на почетоците на идејата за создавање на Комитетот кога, по конфликтната 2001, се барало модел соодветен за нашето мултиетничко општество со заклучок дека е потребно тело во Парламентот што ќе оценува дали еден закон ги тангира правата на заедниците.

Нагласи дека во Комитетот се дефинираат меѓуетнички прашања  и етничките заедници се на исто ниво, особено Македонците и Албанците, а другите пет етникуми, како што рече, се механизам за деблокада во случај  да има седум (Македонци) наспрема седум (Албанци) во одлучувањето, иако досега таква ситуација, рече, „за среќа се нема случено“.

Проф. д-р Ана Чупеска рече дека Комитетот во изминатите години бил „долго време  заспан и многу не знаеја дека постои“, а се активирал со Стратегијата „Едно општество за сите“.

-Од еден заспан орган стана видлив и препознатлив, па и предмет на сериозни политички расправи во смисла на блокада на уставни интервенции, рече Чупеска во врска со „заговорите“ дека ова тело ќе стане втор дом во Собранието доколку се прифатат новите пет етнички заедници во Уставот, со што автоматски ќе се зголеми членството во Комитетот со пратеници од тие заедници.

Тој предлог не се коси со формација на Комитет и, како што рече Чупеска, нема врска со реалноста дека ќе се создаде наводно втор дом.

Чупеска во своето обраќање ја нагласи „политичко еманципаторската природа“ на КОМЗ зашто е  основан по принцип на гарантирано претставување во законодавниот дом и истакна дека е единствен во светот „уникатен модел“ препознаен и во научната литература.

Заклучи дека на Комитетот му недостига оперативна димензија, „служба за да му помогне во намерата за целосно остварување на неговите суштински и благородни надлежности“.

Актуелната претседателка на КОМЗ, Арбана Пашоли, посочи дека Комитетот  е единствен орган не само во регионот, туку и пошироко, кој разгледува прашања за односи меѓу заедниците и дава предлози за нивно решавање, играјќи важна улога во мултикултурната и мултиетничката димензија државава.

Зборувајќи за преземените активности во нејзиниот мандат, таа истакна дека приоритети во работата и било да воспостават меѓусебна доверба во Комитетот и се гордее, рече, што воспоставиле стандард за тоа како може да се работи на одржлив начин што идниот состав на Комитетот натаму ќе го унапредува со нови идеи и иновативни пристапи. 

 -Не може да создадеме здрави меѓуетнички односи, ако не инвестираме во здрави меѓучовечки односи. Можеби не успеавме да го искористивме целиот капацитет и моќ на Комитетот, но го искористивме нашиот капацитет и моќ во градењето на нашата меѓусебна комуникација и договарање, рече Пашоли, додавајќи дека нема друг излез за третирање на меѓуетничките односи освен како континуиран процес. 

Истражувањето е објавено со финансиска поддршка на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Директорот Александар Кржаловски рече дека МЦМС ги следи и поттикнува процесите за толеранција во општеството, нагласувајќи дека се попрепознатливи со  нивниот слоган од 2001 – „Цело е кога има сѐ“ отколку по името МЦМС. 

Лично смета, рече, дека Комитетот во иднина треба да биде поактивен како место за  дискусија за многу прашања, вклучително и за „заглавеноста“ со уставните измени од т.н. француски предлог. хс/аа/

Фото: принтскрин

 

 

Остани поврзан