• четврток, 26 декември 2024

Источниот Медитеран, Балканот и Блискиот Исток во фокусот на средбата Мицотакис - Менендез

Источниот Медитеран, Балканот и Блискиот Исток во фокусот на средбата Мицотакис - Менендез
Атина,  26 август 2021 (МИА) - Меѓународните прашања од заеднички интерес со акцентот на случувањата во поширокиот регион, Источниот Медитеран, Северна Африка, Балканот, но и Блискиот исток, со фокусот на Авганистан, биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателот на комитетот за надворешни однос во Сенатот на САД Роберт Менендез, јави дописничката на МИА од Атина. Според информациите од кабинетот на Мицотакис, на средбата било потврдено високото ниво на односите меѓу двете земји, но и можностите за нивно дополнително проширување и продлабочување. На почетокот од средбата во премиерската палата, Мицотакис рече дека Менендез е „многу добар пријател на Грција“ и „човек кој ја постави стратешката важност на Источниот Медитеран во фокусот на надворешната политика на САД“. -Навистина, со нетрпение го очекуваме финализирањето на законот за одбрана и интерпарламентарните и стратешки односи САД- Грција 2021 што верувам дека ќе биде закон што дополнително ќе го зајакне напредокот што го имаме постигнато на ниво на нашите билатерални односи. И особено го ценам фактот што секогаш сте биле човек со принципи, посветен на човековите права и меѓународното право како основни принципи што ќе треба да ги инспирираат цивилизираните земји во решавањето на нивните разлики, порача Мицотакис. Сенаторот Менендез истакна дека ја ценат и се благодарни за водечката улога на Грција во повеќе области и потенцираше дека конкретниот период е значаен за двете земји и „можност за Грција да игра особено важна улога на меѓународно ниво“ како и во прашањата поврзани со демократијата. - Благодарни сме ви за лидерската улога што ја играте во продлабочувањето на нашата соработка во одбраната, економијата и енергетиката. Навистина ја цениме вашата водечка улога во актуелните теми, како што се климатските промени, истакна американскиот сенатор. Менендез е во посета на Атина по повод одбележувањето на 200-годишнината од грчкото востание, а утре ќе биде примен од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, а ќе се сретне и со министерот за надворешни работи Никос Дендиас. ср/паг/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан