Истекува рокот за пријавување на „Невестинско поклонение" во Крива Паланка
- Сите млади невести кои склучиле брак помеѓу две тодорови саботи, но, под услов да дојдат на манифестацијата заедно со своите свекрви, облечени во народни носии од својот крај, ќе имаат можнос

Крива Паланка, 9 март 2022 (МИА) - Сите млади невести кои склучиле брак помеѓу две тодорови саботи, но, под услов да дојдат на манифестацијата заедно со своите свекрви, облечени во народни носии од својот крај, ќе имаат можност да учествуваат на културната манифестација „Невестинското Поклонение“ која ќе се одржи во недела во црквата Св.Теодор Тирон во селото Конопница, Крива Паланка.
Како што информираат од организаторите, манифестацијата е инспирирана од древен обичај кој се практикувал за време на соборот пред црквата Св.Теодор - Тирон, сѐ до 1977 година кога обичајот е целосно е замрен.
- Триесет и три години подоцна, на моја иницијатива, обичајот е возобновен во една од најатрактивните културни манифестации од национален интерес во регионот. Секоја година се одржува ден по Тодорова сабота во првиот викенд од велигденските пости, а право на учество на манифестацијата имаат сите млади невести кои склучиле брак помеѓу две тодорови саботи, но, под услов да дојдат на манифестацијата заедно со своите свекрви облечени во народни носии од својот крај, изјави иницијаторот за обновување на манифестацијата и претседател на „Патник“ Стојанче Величковски.
По обичајот на поклонението, сите млади невести, влегуваат во црквата каде добиваат благослов за среќа, пород и слога во семејството од свештенослужителите на Македонската православна црква.
На манифестацијата досега учествувале стотина парови снаи и свекрви од земјата и странство.
- Особен интерес предизвикува учеството на снаите и свекрвите од познатите Пијанечка, Шопска и Галичка Свадба, кои што се поканети за учество и годинава. Специјален гостин во придружната културна програма ќе биде Шоу бендот „Три Шешира", а учесници ќе бидат и КУД „8 Октомври“, додаде Величковски.
Пријавување се врши најдоцна до утре, а покровител на манифестацијата е општина Крива Паланка.
Организатор е РЗР Патник, со поддршка на Месната заедница, НУ Центар за култура - Крива Паланка и Градскиот Музеј Крива Паланка. ид/ар/