• сабота, 23 ноември 2024

Иранската нобеловка Мохамади осудена на уште шест месеци затвор

Иранската нобеловка Мохамади осудена на уште шест месеци затвор

Техеран, 25 октомври 2024 (МИА) - Иранските власти и одредија дополнителна шестмесечна затворска казна на лауреатката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади, соопшти групата која се залага за нејзино ослободување.

Коалицијата „Слобода за Наргес“ во четвртокот објави дека Мохамади на 19 октомври е осуден на дополнителни шест месеци затвор под обвинение за „непочитување и отпор на наредбите“.

Групата побара безусловно ослободување на Мохамади, наведувајќи дека нејзината здравствена состојба драстично се влошила за време на нејзиниот долг престој во затвор и дека боледува од срцеви заболувања.

Според соопштението, обвинението е покренато откако Мохамади организирала протест на 6 август против егзекуцијата на уште еден политички затвореник во женскиот оддел во затворот Евин во Техеран.

Мохамади е 19-та жена што ја доби Нобеловата награда за мир и втората Иранка по активистката за човекови права Ширин Ебади која ја доби наградата во 2003 година.

Наргес Мохамади (52) продолжи со своите активности и покрај бројните апсења и годините што ги помина зад решетки, а во 2023 година ја доби Нобеловата награда за мир. Таа е во затворот Евин, каде се сместени политичките затвореници, а веќе отслужи казна од 30 месеци, на која во јануари и беа додадени уште 15 месеци. Иранската влада не ја потврди нејзината дополнителна казна. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан