• вторник, 24 декември 2024

Ин мемориам: Почина охридскиот новинар Симон Илиевски

Ин мемориам: Почина охридскиот новинар Симон Илиевски

Охрид, 12 декември2023 (МИА) - По кратко боледување на 66 години денеска почина новинарот од Охрид, Симон Илиевски.

Илиевски беше еден од доајените на охридското новинарство, со плодна професионална кариера, со препознатлив стил на изразување. Како новинар и дописник од Охрид за повеќе редакции остави огромен број новинарски натписи, радио и телевизиски прилози, документарни и и други емисии.

Со новинарство почнал да се занимава уште од средношколските денови пишувајќи во гимназискиот весник „Јужен бран“. По завршување на студиите по новинарство во Скопје, пишувал за „Студентски збор“, белградски „Студент“ загребски „Студентски лист“, словенечките „Трибуна“ и „Катедра“, како и за весникот Младост, а кратко соработува и со Македонската радио телевизија. Дописник бил на радио „Београд 202“, подоцна за „Студио Б“, а текстови објавувал и во познатите весници од времето на поранешна Југославија „Борба“, „Политика“ и„НИН“, а кратко соработувал и со државната агенција Танјуг.Соработувал и со повеќе радија, а најголем печат остави во Радио „Охрид“, каде беше новинар долги години. По осамостојувањето на Македонија работеше во локалните телевизии АТВ од Струга, охридските „ТВМ“ и „НТВ“, а беше дописник на „Утрински весник“ од основањето и на телевизијата „Канал 5“.

Симон Илиевски беше претседател на Регионалната канцеларија на Здружението на новинари Охрид – Струга до 2010 година кога целосно се повлече од новинарството и почна со работа во службата за односи со јавност при Општина Охрид.

По повод смртта на Симон Илиевски, Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид и Струга, во среда ќе организира комеморација во големата сала на Општина Охрид, со почеток во 10:30 часот.

Погребот е закажан за утре во 12:30 часот на градските гробишта во Охрид. аб/са/

 

Остани поврзан