• понеделник, 23 декември 2024

Шутиноски за МИА: На 10 мај стартува домашната берза на електрична енергија, очекуваме да биде ликвидна од првиот ден

Шутиноски за МИА: На 10 мај стартува домашната берза на електрична енергија, очекуваме да биде ликвидна од првиот ден

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) – На 10 мај со работа ќе стартува македонската берза на електрична енергија. Со домашната берза ќе раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија, МЕМО. Проектот е работен над пет години, официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското.

За стартот на работата на домашната берза на струја, за процесот на нејзиното градење, но и начинот на нејзиното функционирање разговаравме со директорот на МЕМО, Симон Шутиноски, кој напомена дека отворањето на домашната берза е само еден чекор во еден поголем процес во кој е предвидено поврзување со берзите во соседството, а потоа и со пазарите во Европа. 

Шутиноски во интервју за МИА нагласува оти очекуваат берзата да стане ликвидна од првиот ден, односно се очекува да има тргување во секој час и со тоа конечно да добиеме референтни цени за секој час за македонското општество.

- Тоа значи нашата индустрија, нашите граѓани, целокупната побарувачка и производство на електрична енергија кога ќе се стават во еден систем ќе добиеме цени во секој час релевантни за нашата држава, вели Шутиноски и појаснува дека досега референтната цена се пресметуваше според унгарската берза, ХУПЕКС, која е земена како една од најголемите берзи во регионот каде што има најголемо тргување на електрична енергија.

Тој нагласува дека прво битно за целата држава, но и за берзата на електрична енергија е да имаме релевантна цена во секој час. Првично ќе се тргува врз принципот ден однапред, а откако, како што вели, ќе бидат сигурни дека има ликвидност, односно понуда и побарувачка во секој час во текот на денот, ќе се премине кон воспоставување на пазарот во текот на денот или интрадеј маркетот. 

Правилата на тргување до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги доставиле пред речиси еден месец, а очекуваат некаде кон средината на следниот месец да бидат одобрени. 

Македонската берза прво ќе биде во границите на земјава се додека не настапи првиот маркет каплинг, односно првото спојување со некоја од соседните берзи. На неа ќе можат да тргуваат сите учесници на пазарот на големо на електрична енергија, кои се регистрирани во регистарот на регистрирани учесници на пазарот, кој го води МЕМО ДОЕЛ Скопје како оператор на пазарот. 

Во интервјуто Шутиноски говори и за билатералните договори и дали тие ќе продолжат да се применуваат со отворањето на домашната берза, што ќе значи берзата за пазарот на струја, за бројот на производители во земјава, за платформата која ќе се тргува, за нејзината безбедност.

Во продолжение следува целото интервју со директорот на МЕМО, Симон Шутиноски, заедно со видео материјал.

Неодамна најавивте дека напролет ќе стартува првата домашна берза на електрична енергија. До каде се подготовките и кога да го очекуваме стартот?

- МЕМО ДОЕЛ Скопје во функција на оператор на пазарот на електрична енергија процесот за воспоставување на берзата на електрична енергија го има започнато поодамна и сето тоа се одвива во изминатите пет и повеќе години. Она што го очекуваме наскоро е почнувањето со работа на Берзата на електрична енергија, односно нашата домашна – македонска берза на електрична енергија со која ќе раководи МЕМО ДОЕЛ Скопје.

Очекуваниот старт, заедно со партнерите со кои ја воспоставуваме берзата на електрична енергија го имаме предвидено за 10 мај. Ова е ексклузивно и првпат во медиумите да го соопштиме и тој датум бидејќи до вчера буквално не го знаевме датумот. Со оглед на тоа дека добро оди имплементацијата на сите процеси датумот, кој заеднички го дефиниравме со партнерите е 10 мај, кога отпочинуваме со тргување на пазарот ден однапред - деј ахед - маркетот во Македонија.

Колку време го подготвувавте овој проект? Дали имавте некаква меѓународна поддршка и што тој ќе претставува за енергетскиот сектор и за пазарот на електрична енергија кај нас?

- Овој проект е почнат како што наспоменав претходно од пред неколку години. Значи, проектот има зачетоци повеќе од пет години, но поради перманентното одлагање на приватизираниот пазар во Македонија во периодот пред 2017 година, овој проект не најде место и простор за негово заживување. Негово официјално заживување почнува со промената на Законот за енергетика во 2018 година, со кој беше формално целосно либерализиран пазарот на електрична енергија и законодавството беше прилагодено со третиот енергетски пакет на европското законодавство. Што значи тоа? Значи дека легислативата во Македонија со овој Закон беше комплетно прилагодена кон европската легислатива, која предвидува во секоја од земјите-членки на ЕУ, како и оние кои се аспиранти за членство во Унијата да воспостават домашни берзи кои ќе бидат подготвени за нивно спојување помеѓу себе. Кога велам берза тоа е најпопуларниот термин за користење на оваа институција и на овој начин на тргување. Инаку, тоа е организиран пазар на електрична енергија како што стои во нашето законодавство.

Имавте ли меѓународна поддршка?

- Во целиот процес МЕМО ДОЕЛ Скопје првично како дел од АД МЕПСО – преносниот систем оператор во Македонија користеше меѓународна поддршка, нормално сето тоа беше отпочнато со Секретаријатот на Енергетската заедница, која беше задолжена за имплементирање на европското законодавство во Македонија. Нивната поддршка беше добредојдена и ја користевме во неколку наврати. Користевме техничка поддршка од Секретаријатот на Енергетската заедница во однос на испитување на домашниот пазар и воспоставување на берзата, кои делови од законодавството треба да се прилагодат, ги детектиравме во раниот период на имплементација на самиот проект. Потоа, користевме исто така поддршка од Енергетската заедница во однос на изработка и на правилата за тргување на организираниот пазар или берзата на електрична енергија. Нивната поддршка е постојано, перманентно во нашиот процес за да во финалните моменти на воспоставување на берзата добивме огромна поддршка и од УСАИД и од Американската амбасада во Македонија имајќи предвид дека се работи во моментов и на повеќе проекти за интегрирање на пазарите на електрична енергија во Западниот Балкан помеѓу пазарите од Европа.

Со домашната берза треба да се добие референтна цена на струјата која досега се пресметуваше според унгарската берза ХУПЕКС. Зошто според ХУПЕКС и што ќе значи сега пресметката според сопствена домашна берза?

-Зошто според ХУПЕКС? Праксата во Македонија кажува дека во поширокиот регион унгарската берза, односно популарната ХУПЕКС во последниве години откако почна енергетската криза е една од најголемите берзи во регионот каде што има најголемо тргување на електрична енергија, односно најголема количина на понуда и побарувачка. Таа цена која се формира во Унгарија неколку пати имам наспоменато дека не е референтна цена за Македонија. Зошто? Затоа што цената на берзата се формира на начин што таа зависи од понудата и побарувачката на електрична енергија во секој час од едно деноноќие. Начинот на тргување се одвива со тргување во секој час поединечно, односно понудите се доставуваат до оние кои произведуваат електрична енергија, оние кои сакаат да ја продадат електричната енергија исто така во секој час во количини кои тие планираат да ги понудат и исто тоа се вкрстува со побарувачката од страните кои сакаат да ја купат енергијата, односно трговците-снабдувачите. Она што е референтна цена во Унгарија не е референтна цена во Македонија. Зошто? Затоа што индустријата и начинот на живеење во унгарското општество и во македонското се сосема различни. Откако ќе почне да работи домашната берза или кога таа ќе стане ликвидна, а очекуваме таа да биде од првиот ден, очекуваме да има тргување во секој час да добиеме референтни цени за секој час за македонското општество. Тоа значи нашата индустрија, нашите граѓани, целокупната побарувачка и производство на електрична енергија кога ќе се стават во еден систем ќе добиеме цени во секој час релевантни за нашата држава.

До крајот на месецов Регулаторната комисија за енергетика требаше да ги одобри правилата за работа на берзата. До каде е тој процес и ако може пластично да ни објасните како ќе се тргува на берзата, каква улога ќе има МЕМО и кој се’ ќе може да тргува на македонската берза?

-Во однос на правилата за работа на организираниот пазар или берзата на електрична енергија како што напомнав на самиот почеток ние отпочнавме со нивно работење или припремање уште на самите почетоци заедно со техничката поддршка која ја добивме од Секретаријатот на Енергетската заедница. Потоа поддршката ја добиваме и од нашите партнери, односно компанијата која ќе ни ја издаде платформата за тргување и за клиринг. Всушност тоа се две компании, кои настапија на една јавна и транспарентна тендерска процедура согласно нашиот Закон за јавни набавки. Станува збор за конзорциумот БСП Саут пул, тоа е словенечката берза за електрична енергија и ЕПЕКС Спот француската берза за електрична енергија, чиј сопственик е Дојче борзе, германска берза на хартии од вредност. Овие две компании победија на тој тендер и ние ќе ги користиме во наредните четири години нивните платформи. Како што наспоменав, ЕПЕКС Спот е една од најголемите европски берзи.

Дали тие ни помогнаа во изградбата на правилата на тргување и дали се одобрени?

- Оние правила кои отпочнавме да ги работиме на почетокот со Енергетската заедница ги доусовршивме и ги доработивме – ги прилагодивме со начинот на тргување на овие платформи. Значи, работени се заедно со ЕПЕКС Спот и со БСП Саут пул. Дали се одобрени? Тие се доставени пред нецел месец до Регулаторната комисија согласно Законот за енергетика МЕМО ДОЕЛ Скопје ги изработува правилата, после одобрување од Регулаторната ние официјално ги носиме и ги објавуваме на нашата веб-страница. Во моментов тие се во Регулаторна комисија. Минатата недела во вторникот одржавме јавна расправа заедно со Регулаторната комисија за енергетика каде што беа поканети сите заинтересирани страни. Не’ изненади големиот одѕив од страна на оние кои би требало да учествуваат на берзата, учествуваа повеќе од 80 луѓе на таа јавна расправа каде што претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги г. Марко Бислимовски им даде рок од две недели на сите, кои имаат некакви забелешки или предлози за нивно дозименување да ги достават до МЕМО ДОЕЛ Скопје. После овие забелешки кога ќе ги добиеме ќе ги усогласиме заедно со Регулаторна и очекуваме некаде до втората половина на месец март тие да бидат одобрени од Регулаторна комисија.

Досега се тргуваше преку билатерални договори. Со стартувањето на берзата имаме еден нов начин на тргување. Што ќе значи отворањето на берзата, дали и понатаму ќе има билатерални договори или тука ќе има поинаков начин на тргување со струјата? Што значи сега ова за тргувањето, ќе има помала, поголема транспарентност и кој се’ ќе може да тргува на македонската берза?

- Македонската берза во прво време ќе биде во границите на Македонија се додека не настапи првиот маркет каплинг, односно првото спојување со некоја од соседните берзи. На нејзе ќе можат да тргуваат сите оние учесници на пазарот на големо на електрична енергија кои се регистрирани во регистарот на регистрирани учесници на пазарот, кој го води МЕМО ДОЕЛ Скопје како оператор на пазарот, односно тука имаат право на тргување производителите кои се регистрирани како учесници на пазарот и оние трговци-снабдувачи, кои се исто така регистрирани на овој пазар на електрична енергија. Станува збор за пазарот на големо, напоменувам.

Колку производители на струја има во земјава?

- Во моментов се регистрирани 52 производители. Во оваа бројка не припаѓа најголемиот производител, тоа е АД ЕСМ. Имаме 172 производители кои користат повластена тарифа кои се во портфолиото, односно во балансната група на МЕМО ДОЕЛ Скопје, но овие нема да може да тргуваат на берзата затоа што овие 172 имаат загарантиран откуп согласно моделот и механизмот за субвенционирање на овие производители. Со нивната енергија управува МЕМО и планираме дека дел од тоа портфолио, дел од таа енергија МЕМО ќе може да ја понуди на самата берза. Оние останати 52 и повеќе производители слободно можат да ја нудат нивната произведена енергија, да ја продаваат на пазарот на електрична енергија. Регистрирани се 23 трговци во моментов, имаме околу 23 снабдувачи, значи големо е портфолиото иако македонскиот пазар е мал по површина и по волумен, но е многу развиван. Има многу учесници кои активно работат на пазарот на електрична енергија што не разликува од соседите, соседните пазари.

Дали ќе биде обврзувачко тргувањето за секој производител и трговец и повторно да ве навратам во однос на билатералните договори што сега ќе се разликува?

- Билатералните договори е начинот на кој денеска се тргува на нашиот пазар на големо. Тие ќе останат во функција и понатаму. Со отпочнување на берзата ќе добиеме транспарентно тргување со електричната енергија на големо и ќе добиеме гаранција за сите оние страни кои сакаат да склучат трансакција од двете страни дека таа трансакција ќе се случи. Во досегашните билатерални договори тие пластично кажано се случуваат помеѓу две страни, гаранција меѓу нив нема, нема дека тоа е гарантирано дека може да се случи, додека во случај кога истото тоа тргување ќе се случи на берзата тогаш гаранција дека таа трансакција, тоа е тргување во одреден час на одредена енергија ќе се случи гарантот за сето тоа е МЕМО како берза, бидејќи тргувањето оди на начин што понудата која ја претставуваат производителите и цените кои тие сакаат да ја продадат енергијата и онаа побарувачка од трговците и снабдувачите и цените кои тие ги нудат се ставаат во еден систем. Тоа е трговската платформа, каде што има математички алгоритам, тој ги зема предвид сите работи, прави мечување – пресек помеѓу понудата и побарувачката и цените кои се понудени и создава една средна цена, просечна цена во тој час во кој ќе се истргува одредена енергија. За енергијата што ќе се истргува гарантот е МЕМО. Зошто? Затоа што оној што продава ќе ја продаде енергијата на МЕМО, а МЕМО ќе ја продаде на тој што е краен купувач.

Значи вие сте некој вид на посредник во овој процес на тргување на берзата?

- Точно така. Пластично кажано посредник кој не се гледа во целиот процес, односно повторно тргувањето ќе се случи помеѓу тие две страни, но ние сме гарантот со што притоа со банкарски гаранции ќе ја гарантираме таа трговија. Билатералните договори и понатаму ќе останат во функција, во следните чекори ќе воведеме О-Ти-Си маркет, тоа е еден познат пазар на електрична енергија на билатерални договори, но кои се одвиваат повторно преку берзата. Повторно ќе можат бесправно да се договараат за нивно тргување на одредени количини енергија по цена која ќе ја договорат надвор од цената која е постигната на берзата, но сета таа трансакција ќе мора да сврти преку берзата за да берзата повторно биде гарант дека таа ќе се случи. Тие договори остануваат во функција. И последниот сегмент кој ќе се воведе во иднина за да биде берзата комплетна со сите можни сегменти на организирано тргување е пазарот, односно тргувањето во текот на денот или популарно кажано интрадеј маркет.

Да тоа ми беше следното прашање. Значи, на почетокот ќе се тргува ден однапред, а сега како што веќе кажавте се планира да се оди со тргување во текот на денот. Има ли рокови за овие фази – колку би траела првата фаза ден однапред па потоа да се воведе еве да кажам ова е втора фаза во текот на денот?

-Ние не практикуваме да си задаваме некакви рокови бидејќи сакаме сето ова да биде успешна приказна и затоа и претпазливо одиме чекор по чекор во имплементацијата на сите можни чекори. Првично, битно за целата држава, така и за берзата на електрична енергија во овој дел е да имаме цена во секој час – релевантна цена. Значи, откако ќе бидеме сигурни дека ќе добиеме ликвидност, односно понуда и побарувачка во секој час во текот на денот потоа ќе преминеме кон воспоставување на пазарот во текот на денот или интрадеј маркетот. Тоа е следниот чекор за кој не си даваме рокови, како што кажав. Она што сакав претходно да напомнам, исто така интересно за нашата берза ќе биде што времето на затворање на трансакциите во денешниот ден за утрешното тргување ќе биде во 10 часот и 35 минути, што е малку поразлично од времето на затворање на трансакциите во Европската Унија. За ова правевме долги анализи кои покажаа дека добро е кога една берза работи во изолиран систем како што ќе бидеме ние на почетокот пред каплирањето. Добро е да се тргува малку порано од европското време за да се остави можност на сите оние учесници кои нема да успеат да направат трансакција во нашата држава до 10:35 да можат своите количини или побарувања да ги затворат на европскиот пазар кој се затвора во 12:00. Откога ќе се приклучиме во европското семејство со маркет каплинг тогаш времето ќе се помести на европското време во 12:00.

Значи, како што го нарековте сега изолирано тргување значи на почетокот на овој процес ќе се тргува на домашниот пазар со домашните производители, а следниот чекор како што веќе и најавивте, мислам во некои од јавните настапи и прес-конференции е поврзување со берзите од соседството. Имате ли план како ќе се одвива тоа поврзување, со која земја, каква е сега соработката, што ќе се подобри со отворањето на берзата во однос на тргувањето со струја со соседите?

- Како што напомнав, популарно кажано маркет каплингот или поврзувањето со пазарите ќе се случува во наредниот период на ова. Веќе работиме на два проекта. Едниот е малку подолго време воспоставен како проект, тоа е прв проект во Европа за каплирање, маркет каплинг помеѓу една земја-членка на Европска Унија и една земја аспирант за членство во Унијата. Тоа е маркет каплинг помеѓу Македонија и Бугарија. Овој проект е почнат пред четири години под закрила на Енергетската заедница и е пилот-проект во Европа. Проектот е во почетна фаза, има воспоставено работни групи, додека во истиот момент отпочнуваме нов проект со поддршка на УСАИД и американската Влада, тоа е интегрирање на регионот на Западен Балкан, односно маркет каплинг на пазарите на електрична енергија помеѓу Македонија, Грција, Албанија и Косово. Тоа е нов актуелен проект. Овие проекти се зависни од тоа кога ние ќе ја воспоставиме и кога соседите ќе ги воспостават своите берзи и кога тие ќе станат ликвидни. Затоа кажав многу важно за нашата берза е да биде ликвидна од првиот ден, односно да имаме тргување во секој час.

Кога сме кај соседите, каква е состојбата во регионот? Дали сите земји имаат свои сопствени берзи?

- Во моментов од нашите соседи речиси сите земји имаат сопствени берзи. Бугарија има, Грција и Србија, во моментов се воспоставува берзата во Албанија. која ќе биде заедничка берза за Албанија и Косово. Во поширокиот регион исто во овој период, односно некаде во месец април ќе почне со работа и црногорската берза за електрична енергија. Тука е вклучително и нашата берза со што ќе се заокружи проектот на Секретаријатот на Енергетската заедница на првиот чекор за воспоставување на домашни берзи во земјите од Западниот Балкан, а потоа ќе се оди кон нивно спојување со соседните берзи кон паневропскиот модел на пазари на електрична енергија.

Веќе споменавте дека ќе се тргува на платформа на најголемата берза ЕПЕКС Спот, дали е завршен процесот на тестирање на платформата?

-Во моментов се работи на доимплементирање на сите процеси внатре во платформата, односно прилагодување на платформата за пазарот во Македонија. Тргувањето ќе биде во македонски денари согласно нашите закони во државата. Исто, цените ќе се прикажуваат и во евра – последниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија. Процесот на имплементирање и на сетирање на платформите за клиринг и за трејдинг – за тргување е во завршна фаза. Планирана е некаде околу 9 март да ја одржиме и првата работилница за потенцијалните учесници на берзата. Тоа ќе се случи во Скопје заедно со партнерите од Франција и Словенија. Ќе се направи еднодневен тренинг и обука на сите оние кои ќе сакаат да учествуваат на берзата за некаде во месец април да се направи драјран – тоа е тестирањето на берзата во реално време на тргување. Драјран периодот ќе трае една, можеби две недели, ќе одлучиме заедно со нашите колеги каде што ќе се проба да се тргува во реално време, каде што ќе добиеме и реални цени – показатели за да бидеме подготвени за 10 мај, до 10 мај да ги отстраниме сите оние недостатоци кои ќе ни се појават и конечно да стартуваме со трговија.

Сведоци сме изминатиот период на зачестени хибридни закани, особено по воената агресија на Русија врз Украина која што трае веќе повеќе од една година. Колку оваа платформа е безбедна имајќи ги предвид случувањата и во Европа но и кај нас во однос на кибер безбедноста и кој е задолжен за нејзината безбедност?

-Платформата на ЕПЕКС Спот како што напомнав, на оваа платформа се тргува во Германија, во Австрија, во Швајцарија, во повеќето големи европски земји и е со исклучителна висок степен на безбедност. Серверите и местото каде што се наоѓа платформа е некаде во Европската Унија, на безбедни локации. Досега нема појавено никакви нестабилности околу своето работење, така што од тој аспект сме максимално заштитени. Она кој ќе работи на платформата и како ќе работи на платформата целото тргување ќе се случува на самата платформа преку колегите од Франција. Нашите колеги се тука да го мониторираат процесот, да отстрануваат недостатоци, да решаваат тековни проблеми кои ќе се случуваат во текот на денот и кои ќе ги издават фактурите, додека платформата на БСП Саут пул од Словенија ќе ги генерира фактурите, ќе го врши клирингот односно финансискиот сетлмент на самите трансакции и ќе ги изработува фактурите за тргувањето. Така што сакам да кажам дека тргувањето ќе биде под исклучително висок безбедносен аспект. Нема стравување дека нешто може да се случи или некакви малверзации можат да се случат на самата платформа.

Говориме за берза на струја во момент на енергетска криза и континуирано стравување на граѓаните дали ќе се покачи струјата, дали нема да се покачи цената на струјата. Ја знаеме поделбата на регулиран пазар каде што се домаќинствата и отворен односно либерален пазар. Но, еве, дали отворањето на берзата може да влијае врз цената на струјата?

- Цената на струјата во Македонија за домаќинствата, исклучително за домаќинствата, ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Тоа право го има Регулаторната комисија, берзата служи за тргување на електрична енергија на големо, на пазарот на големо.

Дали тие поместувања на берата може да влијаат некако?

- Не очекуваме да има големи поместувања. Зашто? Затоа што и денес нашите снабдувачи – трговци се базираат на цените на ХУПЕКС, односно на европските цени. Она што се очекува дека цените на нашата берза би биле горе-долу околу тие цени, не очекуваме некои огромни разлики, така што не се очекуваат апсолутно никакви поместувања од тој аспект, односно од аспектот на тргување на големите компании на пазарот на големо на берзата.

Ана Цветковска

фото: Фросина Насковиќ

видео и монтажа: Аслан Вишко

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан