• среда, 27 ноември 2024

Инаугуриран Стратешкиот совет за надворешна политика

Инаугуриран Стратешкиот совет за надворешна политика
Скопје, 20 мај 2020 (МИА) - Во просториите на Министерството за надворешни работи денеска се одржи инаугуратувниот состанок на Стратешкиот совет за надворешна политика, на кој воведно обраќање имаше шефот на дипломатијата Бујар Османи. - Министерството за надворешни работи започна нов процес за создавање нова десетгодишна надворешна политичка стратегија која почива на три столба, изјави Османи на прес-конференција по состанокот на Стратешкиот совет, кое ќе биде експертско тело во рамки на стратешкиот проект на МНР – „Рефлексија 2030“. Според Османи, првиот столб ќе се базира на широки граѓански консултации преку кои ќе се обезбеди постојана врска со јавност, следејќи го притоа „пулсот на граѓаните и нивните очекувања за тоа што треба да им обезбеди надворешната политика“. - Вториот столб претставуваат специјализираните тематски конференции од каде очекуваме да добиеме стручен, интелектуален, но и широк општествен импут и тоа не само од домашната јавност, туку и од бројните меѓународни познавачи на регионалните политики, но и на современата политичка состојба во земјава, истакна Османи. Третиот столб, додаде шефот на дипломатијата, е формирањето на Стратешкиот совет за надворешна политика како постојано советодавно тело на Министерството, кое ќе служи „како посебен филтер, еден вид на инка низ која ќе се транспонираат политичките насоки кои ќе се собираат во рамките на консултативните процеси“. - На мое лично задоволство денеска имавме исклучително успешен состанок на Стратешкиот совет за надворешна политика.  Чувствувам потреба да изразам благодарност до сите членови за нивната несебичност да се вклучат во оваа одговорна работа со цел да дадат дополнителен придонес во изработка на Рефлексија 2030. Се работи за квалитетни луѓе, докажани експерти во сите области, исклучително искусни и добри познавачи на приликите во дипломатијата - од професори и академици, па се до претставници на реалниот сектор, како бизнисмени и економисти, додаде Османи. Тој нагласи дека при изборот на членовите на Советот се водело сметка да се добие широка, општествена, интелектуална и експертска претставеност, при што не се ограничил да покани и поединци кои имаат и цврст и јасен политички став и кои во исто време се ослободени од притисокот на дневната политика. - Очекувам на едно стручно, експертско, но пред се одговорно ниво да ги вкрстиме различните ставови со цел да изградиме пресек кој би го следеле во следните десет години. Телото е постојано, но неговите членови не се фиксни и секогаш постои можност да го зајакнеме учеството онаму каде што ќе идентификуваме дека е потребно, потенцира шефот на дипломатијата. Тој информира и дека во рамките на Министерството е формирана и посебна работна група - Секретаријат за имплементација на „Рефлексија 2030“, со задача да обезбеди административно и институционална поддршка, како на Стратешкиот совет, туку и на целиот проект, со цел исполнување на амбицијата и за создавање на првата десетгодишна стратегија во надворешната политика. - Сметам дека членството во НАТО и врамувањето на нашите европски интеграции на прагот на самиот старт на преговорите, претставуваат темелно остварување на нашите стратешки цели кои претставуваа преокупација на нашата политика без малку три децении. Сметам дека е вистинско време да направиме нова доктрина на надворешната политика, не за да ги ревидираме државните приоритети, тие секогаш се исти, туку за правилно да ја оформиме нашата меѓународна улога и со тоа да ја ставиме во функција на потребите на граѓаните. Целта на „Рефлексија 2030“ е токму тоа, и се надевам дека ќе успееме, додаде Османи. Одговарајќи на новинарско прашање околу начинот на кој биле избрани членовите на Стратешкиот совет, Османи нагласи дека до конечниот избор се стигнало преку консултации, при што се воделе на принципот на „експертиза, искуства и познавање, мешање на искуство и млада енергија, но и инклузивност и партиципативност. - Инклузивност во смисла на вклучување на различни погледи, за да имам пристап од 360 степени за дефинирање на десетгодишната Стратегија на надворешната политика, која треба да создаде предвидливост во услови на силна регионална и глобална непредвидливост и несигурност, додаде Османи. ар/сп/

Остани поврзан