• вторник, 24 декември 2024

Илиевски ќе го предводи Работнички и следната сезона

Илиевски ќе го предводи Работнички и следната сезона

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Работнички со оптимизам влегува во проектот за новата натпреварувачка сезона 2023/24 во Првата фудбалска лига, а раководството на клубот има доверба во шефот на стручниот штаб Милан Илиевски, со кого е постигната согласност за обновување на соработката и за наредниот период.

 

- Раководството на клубот ја анализираше изминатата сезона и иако нема многу причини за задоволство од конечниот пласман на табелата, сепак, задоволни сме од професионалноста и начинот на работа на шефот на стручниот штаб Милан Илиевски. Со него постигнавме договор за продолжување на соработката и во наредниот период. Откако ја доби довербата, Илиевски ја стабилизираше екипата, оствари позитивни резултати, а истовремено и промовираше голем број млади фудбалери во тимот, кои се стекнаа со неопходното прволигашко искуство и се светла иднина на ФК Работнички, изјави претседателот на клубот, Драган Поповски.

 

Тренерот Милан Илиевски е задоволен што ја продолжува соработката со ФК Работнички и за наредниот период.

 

- Чест е да се предводи ФК Работнички, но и голема обврска. Благодарност до раководството на клубот за довербата, можам да ветам напорна работа, а уверен сум дека тимот располага со голем потенцијал и ќе се трудиме да го извлечеме најдоброто на секој натпревар за да ги исполниме целите на ФК Работнички, истакна Илиевски.

Сезоната 2022/23 во Првата македонска фудбалска лига, тимот од Градски парк ја заврши на 8. место со 37 бодови. зс/

Остани поврзан