• петок, 05 декември 2025

Израел презеде тело на тајландски заложник убиен од Хамас

Израел презеде тело на тајландски заложник убиен од Хамас

Тел Авив, 7 јуни 2025 (МИА) - Израел соопшти дека го презел телото на тајландски заложник киднапиран во Газа на 7 октомври 2023 година, додека израелските сили продолжуваат со офанзивата во Појасот Газа. Според палестинските здравствени власти, најмалку 22 лица загинале во текот на ноќта.

Кабинетот на израелскиот премиер денеска објави дека телото на тајландскиот државјанин Натапонг Пинта било вратено во Израел преку специјална воена операција.

Пинта беше киднапиран од кибуцот Нир Оз и убиен во заробеништво недолго по почетокот на војната, соопшти владата.

Ова се случува два дена по предавањето на телата на двајца израелско-американски заложници. Во Газа сè уште се наоѓаат 55 заложници, од кои, според Израел, повеќе од половина се веќе мртви.

Министерот за одбрана соопшти дека телото на Пинта било извлечено од областа Рафа. Тој дошол во Израел од Тајланд за да работи во земјоделскиот сектор.

Израелската армија наведе дека Пинта бил одведен во Газа од бригадите „Муџахидин“, мала вооружена група која, според наводите, стои и зад киднапирањето и убиството на Шири Бибас и нејзините две мали деца, како и на израелско-американските заложници Јудих Вајнштајн и Гад Хагај, чии тела беа предадени на израелската армија во четвртокот.

Израел соопшти дека телото било пронајдено врз основа на информации добиени од Оперативната група за заложници и военото разузнавање.

Тајланѓаните претставуваат најголемата група странци кои биле киднапирани од борците на Хамас. Многумина од нив работеле во земјоделството и живееле во објекти во близина на јужните израелски кибуци и градови, кои беа меѓу првите цели на нападите на Хамас. Според тајландското Министерство за надворешни работи, вкупно 46 тајландски државјани биле убиени од почетокот на конфликтот. ссм/

фото: архива

Остани поврзан