• сабота, 09 ноември 2024

Излезе 150-от број на ревијата „Стожер“ на ДПМ

Излезе 150-от број на ревијата „Стожер“ на ДПМ

Скопје, 4 ноември 2023 (МИА) - Излезе последниот број на ревијата „Стожер“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за оваа година. Во бројот фокусот е даден на одбележувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, на Струшките вечери на поезијата 2023 и на чествувањето на 150-от број на ревијата со пригоден текст од главниот уредник Славчо Ковилоски.

Посебен акцент е ставен и врз информацијата за зачленувањето на ДПМ во Европскиот писателски совет на Генералното Собрание во Берлин на 4 јуни годинава, најголемата федерација на писателски асоцијации. Иницијатор за зачленувањето на Друштвото во Европскиот писателски совет е писателот Стефан Марковски.

Со книжевно-историски студии се застапени Илија Велев и Милутин Китаноски, конечно е објавен неиздадениот разговор на Томислав Тодоровски со Гане Тодоровски направен во Охрид, 1987 година, а со свои прилози се застапени повеќе автори: Горан Тренчовски, Елена Пренџова, Ахмет Селмани, Билјана Рајчинова-Николова и други.

-Бидејќи бројот е работен и подготвуван во периодот август-септември, во него не се сместени настаните и полемиките коишто произлегоа од настаните по оставките во ДПМ од октомври, велат од редакцијата на „Стожер“.вј/

Фото: „Стожер“

 

Остани поврзан