• петок, 05 декември 2025

Излезе од печат 70 издание на македонскиот весник „Илинден“

Излезе од печат 70 издание на македонскиот весник „Илинден“

Дебар, 4 декември 2025 (МИА) - Во Тирана денеска излезе од печат 70-то издание на македонскиот весник „Илинден“ чиј прв број светлото на денот го виде на први март 2011 година, како двоброј (март/април).

Главниот и одговорен уредник, Никола Ѓурѓај, вели дека чувството на задоволство е двојно, од постигнатите 70 изданија и фактот што и понатаму весникот буди „голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот“.

-Се надевам дека ќе продолжиме со несмален интензитет да информираме со истата сериозност и пристап во објавувањето на темите, а се од интересен за македонското национално малцинство во Република Албанија, но и за промоција на активностите на македонската дипломатија во правец на подобрување на животот на македонското население надвор од границите на својата матична држава, изјави Ѓурѓај.

Во ова издание, покрај другото објавени се написи како што е оној што се однесува на тоа дека Македонско друштво “Илинден“-Тирана ќе биде домаќин на следниот семинар на работната група на словенските малцинства во Европа при Федералната унија на европските националности (ФУЕН), потоа за учеството на друштвото на 69.Конгрес на ФУЕН и едногласно усвоената Резолуција поднесена од друштото на истиот собир.

Посебен простор е отстапен за добиените верски календари за 2026 година од МПЦ – Охридска Архиепископија за Македонците во Албанија, насписот „Македонска алијанса за европска интеграција: Нема да замолчиме пред бугарските манипулации“, како и за осудата на МД „Илинден“ за обидите на Софија со злоупотреба на здравјето на жителите во областа Преспа.

Освен печатеното издание весникот од мај 2017 година е и со електронско издание www.vesnik-ilinden.com. Во септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: time.mk, grid.mk, daily.mk и vesti.mk

Македонски весник „Илинден” е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија. вт/дма/

Фото: Плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан