• сабота, 23 ноември 2024

Извозот бележи раст од 2.0 отсто, а увозот помал за 7.6 отсто

Извозот бележи раст од 2.0 отсто, а увозот помал за 7.6 отсто

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Вкупната вредност на извозот на стоки од Северна Македонија, во периодот јануари – август 2023 година, изнесува 5 502 897 илјади евра и бележи пораст од 2.0 отсто во однос на истиот период лани. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 7 299 621 илјада евра, што е за 7.6 отсто помалку во споредба со претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – август 2023, е 75.4 отсто, а трговскиот дефицит изнесува 1 796 725 илјади евра.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари – август 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија. са/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан