• сабота, 23 ноември 2024

Избрани младите иноватори што ќе нè претставуваат на глобалниот предизвик „Генерација без граници- Технологија за планетата“

Избрани младите иноватори што ќе нè претставуваат на глобалниот предизвик „Генерација без граници- Технологија за планетата“
Скопје, 22 јули 2022 (МИА) - На финалниот настан на младинскиот предизвик „Генерација без граници - Технологија за планетата“ избрани се два тима, млади иноватори, кои ќе ја претставуваат земјава на глобалниот предизвик „Генерација без граници 2022“. Пет тима составени од млади на возраст од 16 до 24 години ги презентираа своите идеи за справување со климатските промени преку користење на дигитални технологии. Согласно презентациите и оценките на стручното жири, за победници беа избрани тимовите Bio Techno Logic и Green Hot Chili Peppers. Младинскиот предизвик се реализира преку партнерство на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком. Оваа година предизвикот го спроведе Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21. Идеите на младите ќе придонесат за заштита на животната средина, како на национално, така и на глобално ниво. Тимот на Bio Techno Logic создаде автоматизирана и дигитална корпа за органски отпад, која во својата крајна фаза ќе произведува природен биохумус. Од друга страна, тимот на Green Hot Chili Peppers имаат идеја за заштита на животната средина преку изработка на посебна корпа, која самостојно го селектира отпадот и притоа произведува електрична енергија. Како резултат на иновативните идеи, стручното жири одлучи да го награди и тимот Oh Swapp Team, со парична награда од 2.500 евра за унапредување на идејата и менторска поддршка. Имајќи предвид дека модната индустрија е одговорна за 10 отсто од глобалната емисија на јаглерод диоксид, Oh Swapp Team планираат изработка на мобилна апликација за размена на облека и книги. - Среќни сме што создаваме можности за да развивате идеи за справување со можеби најголемата закана за нашата иднина – климатските промени. Продолжете да верувате во себе и во своите идеи, продолжете да барате одговори и решенија за проблемите што сакате да ги снема. Сите големи иновации започнуваат како идеја и подготвеност за дејствување и јас сум горда што го гледам тоа кај вас денес, истакна претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани на денешниот завршен настан од предизвикот. Леа Липша од Фондацијата Телеком ја истакна поддршката која континуирано ја обезбедуваат за социјалните иновации и младински идеи. Таа ги повика младите да веруваат во себе и да ја искористат дадената шанса. - Ние во повеќе наврати сме покажале дека имаме млади луѓе кои можат да се натпреваруваат со своите врсници во светот и да бидат подобри од нив. Технологијата е најдобрата алатка да се справиме со предизвиците денес, искористете ја и покажете му на светот каков потенцијал имаме, истакна Липша. Годинава предизвикот го спроведе Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21. Оваа организација реализираше теренска и дигитална кампања, со што ги информираше младите за начинот на аплицирање на овој предизвик. На јавниот повик пристигнаа 40 апликации, од вкупно 127 средношколци и студенти. Зорица Велковска, ко-основач на БЛИНК 42-21, истакна дека организацијата веќе десет години работи со младите, а континуирано се креираат и дигитални алатки кои го олеснуваат секојдневното живеење на сите граѓани. - Успешното спроведување на предизвикот е потврда дека младите луѓе заслужуваат уште поголема поддршка во нашето општество. Поддршката треба да биде многу конкретна и практична. Преку овој предизвик младите го применуваат своето знаење во пракса, придонесуваат кон поздрава животна средина, но и се поттикнува интеракцијата и комуникацијата меѓу средношколци и студенти од различни градови, истакна Велковска. рп/сп/

Остани поврзан