• среда, 29 јануари 2025

Идејата за изградба на огради на границите на ЕУ со европски средства одново „на маса“ 

Идејата за изградба на огради на границите на ЕУ со европски средства одново „на маса“ 

Брисел, 29 јануари 2025 (МИА) – Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер во дебата со европратениците изјави дека ЕУ „мора да ја преиспита“ позицијата во однос на контролата на своите надворешни граници, што поттикна шпекулации дека е можно Европската комисија да го промени својот став околу финансирањето на изградбата на огради и ѕидови долж граничните линии со средства од фондовите на блокот. 

Европската комисија досега се воздржуваше од финансирање на изградбата на физички бариери на надворешните граници на ЕУ, наведувајќи дека „оградите не се најефикасната алатка за подобрување на граничната контрола“. 

Уште во 2021 година, неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои и Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Унгарија, упатија писмо до ЕК во кое побараа таа „да се откаже од своите резерви“ и да ја прилагоди правната рамка на ЕУ со „новата реалност“, така што ќе дозволи „физичките бариери да бидат соодветно финансирани“ со европски средства.  

Истата година, ЕУ усвои Регулатива за гранично управување и инструмент за визна политика, позната под кратенката БМВИ, со која се предвидува финансирање со европски средства на поставувањето сложени дигитализирани системи за надзор и контрола на границите, но не и за изградба или одржување на веќе изградените огради или ѕидови. За поддршка на земјите членки во граничниот надзор и контрола, согласно БМВИ, е утврден буџет од 6,4 милијарди евра за периодот 2021-2027 година. 

Политичкиот аналитичар од Центарот за европска политика, Хелена Хан во изјава за „Еурактив“ посочува дека целата дебата околу финансирањето на изградбата на огради и ѕидови на надворешните граници на ЕУ е пред се политичка и го покренува прашањето каква политичка порака сака да се испрати со одново покренување на оваа тема. 

Според неа, ЕК досега се воздржуваше од финансирање на изградбата на граничните огради со цел да избегне поистоветување на нејзините политики со оние на американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат околу изградбата на ѕид на границата меѓу САД и Мексико. 

Сепак, Хан смета дека политичката реалност во ЕУ сега е променета и во новиот Европски парламент има „уште поголема поддршка“ за финансирање на изградбата на граничните огради со средства на ЕУ. 

- Конзервативците сега се соочуваат со поголема конкуренција и притисок од екстремната десница и ја разгоруваат реториката пред избори, како што е случај во Германија, вели Хан. 

Според анализа на Европскиот парламент, до 2022 година огради на делови од нивните граници изградиле 12 од тогашните земји членки на Шенген зоната.  

Шпекулациите за можна промена на ставот на ЕК доаѓаат во време кога таа подготвува нова регулатива за депортација на мигрантите, која се очекува да биде претставена на мартовскиот Самит на ЕУ, како и измени на законот за Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс), со кои треба да се прошири нејзината улога во координирањето на депортацијата на мигранти и да овозможи тројно зголемување на нејзиниот персонал на 30.000 припадници.  

Сепак, за сега, официјално нема најави дека овие измени би можеле да резултираат и со овозможување на финансирањето на граничните огради од страна на ЕУ. 

Првата европска земја која ги огради своите граници беше Шпанија, која во раните 90-ти години на минатиот вел изгради ѕид висок шест метри висок околу нејзините енклави во Северна Африка, Сеута и Мелиља, кои граничат со Мароко. 

Од тогаш беа регистрирани повеќе случаи на загуба на животи при обиди за преминување на ѕидовите и влез во шпанските енклави. Најтрагичниот инцидент се случи во јуни 2022 година, кога, според мароканските власти, 23 мигранти и двајца полицајци загинале при обид за преминување на ѕидот кај Мелиља. Од друга страна, според невладините организации „Отворени граници“, бројот на жртвите во овој инцидент бил 37. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан