• сабота, 23 ноември 2024

Иванов: Демократијата не може да се увезува, таа потекнува од народот

Иванов: Демократијата не може да се увезува, таа потекнува од народот
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - „Денес на Република Македонија повеќе од кога и да е и се потребни луѓе, кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци. Дека се македонски народ. Сега ни се потребни луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината“. Ова го порача во поздравното ведео обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“, поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Демократијата, нагласи Иванов, не може да се увезува - единствена вистинска демократија е демократијата која потекнува од народот, од политичката самосвест, од учествувањето во политичкото одлучување за иднината. - Во духот на народната „љубовта е слепа, но соседите сè гледаат“, Македонија ја доживеа својата 30-годишнина од независноста, која ни проаѓа без радост и среќа, да ја дочека како земја од групата на хибридни режими, која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111 место, според корупцијата во светот, изјави Иванов. Македонскиот народ, порача Иванов, учествувајќи во Втората светска војна на вистинската и праведна страна на историјата, ја создаде својата сопствена држава. - Таа АСНОМ-ска, антифашистичка македонска држава ја создаде македонската нација која преку националните институции ја крепеше македонската држава во рамките на Југословенската федерацијата. Со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет. Оттогаш се веќе беше подготвено, за тоа она денес ни се случува. Како претседател често посочував и предупредувата за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, идентитет и јазик, нема ниту македонско прашање, изјави Иванов. Пандорината кутија, нагласи Иванов, е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира, она што е наше стекнато право. -Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував, ниту потпишав таков договор, изјави Иванов. Невиден преседан, нагласи Иванов, е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите. - Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината, изјави Иванов. Македонскиот народ, посочи Иванов, се изјасни против избрзани и наметнати штетни решенија, донесени без претходно постигнат национален консензус. - На 30 септември 2018 година, со негласање тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандта од народот да го менува Уставот, заради промена на уставното име. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли цената. Со бојкот на референдум народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување и убеден сум дека еден ден ќе дојде геенрација политичари ќе го задржи, она што некој сега е подготвен толку лесно да го изгуби, изјави Иванов. Поздравни обраќања на отворањето на научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“, имаа и актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски. аа/са/

Остани поврзан