• сабота, 23 ноември 2024

ЗНМ: Злобно и неетички е да се злоупотребува името на нашиот прерано починат колега Саше Димовски

ЗНМ: Злобно и неетички е да се злоупотребува името на нашиот прерано починат колега Саше Димовски

Скопје, 8 август 2024 

Здружението на новинари на Македонија со чувство на горчина ги отфрла малициозните обвинувања од дел од колегите од фелата, кои искористија еден трагичен настан за да се обидат да прикажат лажна слика за функционирањето на нашата организација и да претстават непринципиелен однос на Здружението кон нашиот драг, прерано заминат колега и личен пријател Саше Димовски.

Димовски беше клучен дел од ЗНМ, почитуван меѓу колегите и вработените во ЗНМ. Тој имаше суштинска улога во изминативе две години во кревањето на важноста на Советот на честа на ЗНМ, каде како претседател заедно со останатите членови, успеаја за кусо време да етаблираат ефикасен систем на носење одлуки. На тој начин придонесоа за промовирање на професионалните стандарди кои ќе служат како репер за натамошното функционирање на Советот, но и на принципот на медиумската саморегулација.

Поттикнати од неколкуте објави, пред сè на социјалните мрежи, со цел да нема погрешни толкувања но и поради чувството на одговорност, би сакале да го појасниме следното. Претседателот на Советот на честа Димовски, беше во постојан контакт со извршната канцеларија и редовно беа одржувани средби за консултации во просториите на ЗНМ во изминатите години, за кое време функционира ова тело во овој состав. Со Димовски но и со останатите колеги од Советот, имавме исклучителна плодна и искрена соработка, дискусии за иднината на професионализмот во новинарството и кревањето на етичките стандарди, преку идни процеси за креирање и на нов кодекс на новинарите, процес кој е тековен.

Дополнително свој професионален придонес, како еден од уредниците, Димовски даде и во промоција на новоформираната платформа на ЗНМ за промовирање на професионални новинарски содржини од локален јавен интерес и борба против дезинформации: Јасно.мк

Саше Димовски како новинар со одлични познавања во сферата што ја покриваше, правосудството, остави белег во македонското новинарство. Со задоволство, ја примивме веста дека неговиот професионален ангажман е препознаен не само во ЗНМ туку и од страна на Претседателот на РС Македонија. Тој пред кус период беше именуван како член во Комисијата за помилување на Претседателот на Македонија, со што се докажа дека дел од новинарите се препознаени и во државните работни тела каде можат да дадат свој придонес.

Со тага ја примивме веста дека Димовски не е веќе меѓу нас. Изгубивме драг колега и посветен соработник со кој како професионалец, колега и пријател заедно, сплотени, минувавме низ многу среќни, но и низ многу тешки моменти поврзани со неговата влошена здравствена состојба. Во тие мигови се препознаваат вистинските пријатели и добрата намера.

И покрај добриот професионален и личен однос кој го негувавме, изненадени сме од обидот на дел од колегите, личната трагедија да ја претворат во перцепција за непринципиелност на ЗНМ. Сурово е да го користиме името на нашиот починат колега за ширење на дезинформации и шпекулации, како и на субјективни толкувања.

Демантираме дека Димовски бил исклучен од членството на ЗНМ како што беше  претставено во еден медиум.

Појаснуваме дека, согласно Правилникот за членство и статутот на ЗНМ во делот на надлежности на Управниот одбор, како и по добиено правно мислење од страна на независна адвокатска канцеларија, но и по реакции на членови на ЗНМ, минатата недела, беше констатирано дека членството на Димовски во ЗНМ продолжува како придружен член. Статутот налага дека новинар именуван во државен орган не може истовремено да има активна улога во органите на ЗНМ и дека доколку има таква состојба, ќе се констатира престанок во органите на ЗНМ, во случајов во Советот на честа. Оваа пракса постои со години. Имало вакви бројни случаи и во минатото со други колеги кои биле именувани или избрани во државни органи или тела без разлика дали станува збор за централна или локална власт, Собранието на РСМ, вклучувајќи ја и оваа Комисија во рамки на Претседателот на РСМ.

Со овој пристап, секогаш кога до ЗНМ имало реакција или самиот член укажал за потенцијален конфликт на интерес, ЗНМ покажувало конзистентност но и принципиелност во своите политики, што е важно за одржување на довербата и интегритетот на новинарските организации и нашите членови.

Намерата на ЗНМ и на самиот Димовски, за што повеќе пати дискутиравме, беше тој да продолжи да дава свој придонес во дел од активностите на ЗНМ, вклучувајќи го и креирањето на новиот Кодекс на новинари, како и на платформите каде можеше да им помогне на помладите колеги во нивното натамошно усовршување и во овие намери не менуваше дали тој делува како придружен член или редовен во рамки на ЗНМ. Останува чувството на празнина дека тој можеше да пружи уште многу за македонското новинарство, но и за ЗНМ.

Упатуваме апел, колегите да се воздржат од неосновани шпекулации и обвинувања, во овие тешки моменти, пред сè за семејството на Димовски. Да се збогуваме со колегата и пријател Саше достоинствено, така како што тој се бореше низ сите професионални и животни битки.

Здружение на новинарите на Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ЗНМ 

Остани поврзан