• среда, 25 декември 2024

Златен медал за „куве 56“ и бронзен за „темјаника кориjа“ на винарницата „Венец“ на Декантер-натпреварот

Златен медал за „куве 56“ и бронзен за „темјаника кориjа“ на винарницата „Венец“ на Декантер-натпреварот
Скопје, 14 јуни 2022 (МИА) - Винарницата „Венец“ е добитник на златен и на бронзен медал на светскиот вински натпревар „Декантер светски вински награди“ (Decanter World Wine Awards) на кој се оценуваа 18.244 вина од 54 земји. Виното „куве 56“ берба 2018 година освои златен медал, а виното „темјаника кориjа“ берба 2021 година е закитено со бронзен медал. Виното „куве 56“ е направено во чест на годината на формирање на Венец АД во далечната 1956 година. Тоа e суво вино добиено со блендирање на сортите вранец (55 отсто), каберне совињон (25 отсто) и мерло (20 отсто) од сопствените насади на винарницата. Се одликува со длабока темноцрвена боја. Моќно, но пред сè елегантно вино, кое изобилува во ароми на зрели црни и црвени капини, модри сливи и цреши и дополнителни ноти на темно чоколадо, листови тутун и сладок корен кои му даваат дополнителна комплексност. Виното „темјаника корија“ потекнува од истоимениот микролокалитет Корија, кој се наоѓа во атарот на селото Долни Дисан на 400 метри надморска висина. Лозовиот насад е стар повеќе од 17 години и го изразува уникатниот карактер на самиот тероар во Дисанијата за сортата темјаника. Се одликува со светложолта боја, арома на свеж босилек и бозел и го прави вкусно и возбудливо за пиење. Винарницата „Венец“ произведува вино од 1956 година и користи различни рачно изработени, рафинирани техники и со тоа создава традиција повеќе од 50 години за подготовка на вина. вј/сп/

Остани поврзан