• понеделник, 23 декември 2024

Земјите членки на ЕУ го усогласија текстот на Законот за кибер солидарност 

Земјите членки на ЕУ го усогласија текстот на Законот за кибер солидарност 

Брисел, 20 декември 2023 (МИА) - Советот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР) на денешното заседание го усогласи ставот за Законот за кибер солидарност, чиј цел е зајакнување солидарноста и капацитетите на ЕУ за откривање, подготовка и одговор на закани и инциденти поврзани со безбедноста во дигиталната сфера. 

Како што соопшти Европскиот совет, оваа регулативата ќе ја направи ЕУ поотпорна и поподготвена за реакција на кибер заканите, а во исто време ќе ги зајакне механизмите за соработка меѓу нејзините земји членки. 

Според шпанскиот министер за дигитална трансформација Хозе Луис Ескрива, постигнатиот договор претставува уште еден чекор напред кон зајакнување на кибер отпорноста на Европа.  

- Регулативата ќе ги зајакне капацитетите на ЕУ и на земјите членки за спречување, одговор и закрепнување од големи кибер закани и напади на поефикасен и поефективен начин, истакна Ескрива. 

Со предлагањето на оваа регулатива Европската комисија имаше за цел да ја зголеми свесност за заканите поврзани со кибер безбедноста, да ја зајакне подготвеноста и заштита на критичните субјекти и основните услуги, како што се болниците и јавните комунални претпријатија, од кибер напади, да ја зголеми солидарноста на ниво на ЕУ во справувањето со кризи во овој сегмент и да обезбеди сигурна и безбедна дигитална средина за граѓаните и бизнисите. 

За брзо и ефикасно откривање на големите кибер закани, како што јави дописникот на МИА од Брисел, со предлогот се предвидува воспоставување на „Европски кибер штит“, како паневропска инфраструктура составена од национални и прекугранични безбедносни оперативни центри во рамки на ЕУ задолжена за споделување информации и за откривање и спротивставување на кибер заканите.  

„Штитот“ ќе користи најсовремена технологија, како што е вештачката интелигенција и напредна аналитика на податоци, за откривање и споделување навремени предупредувања за кибер закани и инциденти, со што властите и релевантните субјекти на земјите членки ќе можат поефикасно и поефективно да реагираат на големи кибер инциденти. 

Нацрт-регулативата, исто така, предвидува создавање на механизам за реакција при итни кибер случаи за да се зголеми подготвеноста и да се подобрат капацитетите за одговор на инциденти во дигиталниот сектор во ЕУ.  

Во усогласената верзија од страна на Корепер, меѓу останатото, одредени одредби се прилагодуваат на спецификациите на одделни земјите членки, се прецизираат членови што се однесуваат на националната безбедност, се усогласува текстот со сродните законодавни регулативи и се прецизира и зајакнува улогата Европската агенција за кибер безбедност (ЕНИСА). 

Во следната фаза за усвојување на Законот ќе следат преговори меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент во рамки на „тријалогот“ за усогласување на конечната верзија на законскиот текст. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан