• понеделник, 23 декември 2024

Зелен хуман град: План за одржлива мобилност на Скопје отворен пред граѓаните, а не зад затворени врати

Зелен хуман град: План за одржлива мобилност на Скопје отворен пред граѓаните, а не зад затворени врати
Скопје, 9 септември 2021
Европската унија ќе даде 2 милиони евра за изработка на План за одржлива мобилност на Скопје (SUMP). Тој план според објавата на тендерот, помеѓу другите битни прашања, треба да ги опфати и ИНТЕГРИРАНИТЕ ПОЛИТИКИ ЗА ПАРКИРАЊЕ. Рокот за изработка на планот е до 2022 г., а кај нас процесот веќе тече без никаква транспарентност и многу прашања остануваат неодговорени. Се склучуваат договори со инвеститори зад затворени врати, се калкулира со интереси, а граѓаните воопшто не се вклучени. Инсистираме на транспарентност!
Освен политиките за паркирање, планот, според објавата на тендерот ќе ги интегрира следните полиња: јавен превоз, намалување на моторен сообраќај, смирување на сообраќај, педестријанизација, реалокација на постоен автомобилски простор кон одржлива мобилност, пешачење, возење велосипед, пристапност за лицата со посебни потреби, постарите, децата, лицата со помали приходи; уредување на доставата, безбедност во сообраќајот.
Тендерот е објавен на 26.03.2019 и затворен на 20.03.2020 година. Рокот за изработка на SUMP-от би требало да е до 2022 година според првичните најави. Во нормални услови ќе имаше објави за изборот на изработувач на овој план, повици за јавна партиципација на граѓаните и известување за тоа како течат работите.
Во ненормални услови, паралелно на работата на интернационални консултантски куќи за сообраќај на SUMP-от на Скопје, градоначалниците на Скопје и Чаир, Шилегов и Ганиу БЕЗ СТУДИЈА И ПЛАН си склучуваат договори во 4 очи за стратешки партнерства за изградба на подземни паркинзи и катни гаражи со инвеститори, чиј двигател во животот сигурно не е да го решат проблемот со паркирање во Скопје. Кога за 1 година, според информациите од тендерот на ЕУ, ќе излезе новиот SUMP за Скопје, ќе ни се правдаат: „па не можеме ние да ги менуваме политиките за паркирање, паркирањето е во приватни катни гаражи, не можеме ништо да направиме, врзани ни се рацете...“ Звучи познато?
50 милиони евра за 12 катни гаражи и 3 илјади паркинг места, т.e. речиси 17 илјади евра за едно паркинг место. Зошто некој инвеститор би вложил толку средства ако нема добивка?
  • Опција 1: Дали тоа значи дека од паркирање може да има добивка наместо загуба? Зошто тогаш јавните претпријатија за паркирање работат со загуби?
  • Опција 2: Или можеби паркирањето ќе се наплаќа прескапо и никој нема да ги користи тие гаражи?
  • Опција 3: Или пак на 12-те локации што ги добива, инвеститорот ќе добие додатни намени: хотели, трговски центри, па ќе ја повториме историјата со Зебра и катната гаража кај Универзална сала, каде инвеститори добија државно земјиште за џабе, уништија постоечки јавен паркинг и создадоа содржини од кои имаат профит и за кои е потребен паркингот сам по себе? Жителите немаа ќар од тие „инвестиции“. Проблемот со паркирање не се реши.
Дали имало јавно наддавање за овие локации или е договорено во 4 очи? Каде можеме да видиме кои се тие 12 парцели и кои се условите за тие 12 парцели? Што постои на тие парцели? Што ќе се уништи за да се добијат 12 катни гаражи? Зеленило, плоштади, јавен паркинг, парцели за згради? Што од додатни намени ќе добие инвеститорот? Кои услови Општина Чаир и Град Скопје му ги задале на инвеститорот во договорот? За цени, за политики, за намени? Или само му подариле државно земјиште без додатни услови? Кој ќе управува со тие катни гаражи? ЈП Градски Паркинг? Паркинзи Општина Чаир? Или Mabetex? Дали Град Скопје го условил Mabetex да ги почитува паркинг политиките од SUMP-от? Кој ќе ги диктира цените за паркирање?
Ова се вистинските прашања кои транспарентна и отчетна власт која се грижи за јавниот интерес веќе би ги имала одговорено. Транспарентност и отчетност не се ПР филувани и наместени прес-конференции. Бараме одговори! Градов не смее да е поле за коалициските пазарења! Скопјани повеќе не смее да бидат колатерална штета на очајнички обиди за останување на власт!
Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД
___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан