• вторник, 24 декември 2024

Зеленски - Фредериксен: Данска одигра клучна улога во одлуката за испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина

Зеленски - Фредериксен:  Данска одигра клучна улога во одлуката за испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина

Лавов, 23 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска укажа на потребата од зајакнување на антируските санкции и порача дека секој кој и помага на Русија да ги заобиколи санкциите треба да одговара.

„Во иднина мораме суштински да ги зајакнеме санкциите против Русија и да ги елиминираме сите руски трикови во врска со тоа. Секоја шема за заобиколување на санкциите е буквално инвестиција во терор. Затоа, секој кој и помага на Русија да ги заобиколи санкциите мора да одговара“, истакна Зеленски на заедничката прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен во Лавов.

Според него, уште една фундаментална задача оваа година е „конфискација на руските имоти кои се веќе замрзнати, особено во европските јурисдикции“.

„Путин ги цени парите многу повеќе од човечкиот живот и затоа ќе ја почувствува вистинската цена на неговата агресија преку губење пари и имот“, рече Зеленски.

Тој оцени дека Данска одиграла клучна улога во одобрувањето на одлуката за испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина и изрази благодарност за секоја манифестација на „данската поддршка за земјата, народот и меѓународното право“.

Тој потсети на покренувањето на програмата за финансирање на извозот преку специјалниот инвестициски фонд на Данска за поддршка на испораките во Украина, особено опремата. „Тоа е она што навистина помага. Колку повеќе заеднички резултати постигнуваме, толку е поголема неспособноста на Русија да ги постигне своите агресивни цели“, нагласи Зеленски.

Данската премиерка изјави дека борбените авиони Ф-16, кои ќе ги обезбеди Данска, ќе бидат испорачани до летото оваа година.

„Сите сме многу среќни што Данска ќе ги обезбеди овие ловци во соработка со Холандија, Белгија и САД. Ова е многу моќно оружје. Се надевам дека ќе можеме да ги видиме Ф-16 во воздушниот простор на Украина во блиска иднина, пред летото“, рече Фредериксен.

Таа го објасни доцнењето со трансферот на борбени авиони во Украина исклучиво со технички прашања за кои е потребно време да се решат. „Единствената причина поради која го одложуваме трансферот на Ф-16 во Украина е техничка, бидејќи е потребна сериозна инфраструктура за одржување на овие ловци, а обуката за Ф-16 е многу подолга отколку за кој било друг вооружен систем“, рече Фредериксен.

Таа потсети дека обуката на украинските пилоти започнала во август минатата година и дека се одвива „многу брзо и многу добро“.

Зеленски и премиерката на Данска денеска во Лавов потпишаа договор за соработка во областа на безбедноста.

Претходно, тие им оддадоа почит на паднатите бранители на Украина. паг/

 

 

 

Остани поврзан