• среда, 25 декември 2024

Здружението на инженери достави иницијатива до Владата и Собранието за изградба на ПАХЕ Чебрен со сопствени средства

Здружението на инженери достави иницијатива до Владата и Собранието за изградба на ПАХЕ Чебрен со сопствени средства

Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) – Здружението на инженери на Република Македонија денеска до Владата и до Собранието достави Иницијатива за донесување на Закон за изградба на ПАХЕ Чебрен со, како што велат, македонски сили.

Здружението на инженери во изминатиот период реагираше до надлежните институции во врска со 14. тендер за изградба на хидроцентралата Чебрен кој пропадна откако грчката компанија „ППЦ Архиродон“, која лани на 14 септември беше избрана за најдобар понудувач, не ја продолжи банкарската гаранција што и важеше до 31 декември 2023 година . При тоа од Здружението порачаа дека Чебрен треба да се гради со сопствени средства од државата, а не по пат на јавно–приватно партнерство, бидејќи станува збор пред се за водостопански, а потоа за енергетски проект. Изразија сомневање дека се направени суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци во постапката при подготовка и реализација на тендерот за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроелектраните на Црна Река. 

-Бидејќи премиерот јавно нѐ повика да ги доставиме забелешките за проектот Чебрен, по што во јавноста најавивме дека ќе покренеме соодветна иницијатива, Ве известуваме дека денес до Владата и Собранието ја доставивме Иницијативата за донесување на Закон за изградба на Чебрен со македонски сили, посочуваат од Здружението на инженери.

Во прилог е предлог-иницијативата што ја доставија до Владата и до Собранието:

-Врз основа на членовите 24 и 71 од Уставот на Република Македонија и членовите 3, 4 и 5 од Законот за постапување по претставки и предлози, а согласно одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија и Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, ја поднесуваме следната

ПРЕДЛОГ - ИНИЦИЈАТИВА

за донесување Закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име “Проект Чебрен“, како интегрално решение по должината на сливот на Црна Река, а е составен дела од Стратегија за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година со која бараме пратениците во Собранието или Владата користејќи го своето право и должност да ја прифатат оваа иницијатива за донесување на овој Закон.

Целта на оваа ИНИЦИЈАТИВА е активностите на државните институции кои ќе бидат делегирани за спроведување на овој капитален проект од стратегиски интерес за државата, да се стават во законски рамки за да се овозможи непречена реализација, без обѕир која политичка партија ја формира Владата.

Некои од основните прашања и одговори, кои ја поткрепуваат потребата за донесување на овој Закон се:

Дали е потребно овој капитален проект да се изгради? ДА!

Дали Македонија може да раководи со реализацијата на овој проект? ДА!

Дали е лесно да се реализира овој проект? НЕ!

Дали реализацијата на овој проект е Проблем ? НЕ, таа е ПРЕДИЗВИК за македонското општество.

Дали Македонија може финансиски да го поднесе овој проект? ДА, преку интелигентно финансиско управување (Financial Management).

Изградбата на капиталниот објект со препознатливото име “Проект Чебрен“ е тема за која има спротивставени мислења околу тоа: кој да го гради и на кој начин. Досегашното искуство со 14 Јавни повици за партнерство со инвеститори од други земји се покажа дека не е функционално. Причините се различни, затоа што и условите кога тие беа објавени беа различни. Битно е дека ПРОЕКТОТ Е ЕКОНОМСКИ ИСПЛАТЛИВ И ОПШТЕСТВЕНО КОРИСЕН од енергетски водостопански и социјален аспект. Проектот е проследен со ризици поради стохастичката природа на водата како природен обновлив ресурс. Единствено е прашањето за колку години ќе се отплати инвестицијата. Ако Проектот не е исплатлив, не би се јавил ниту еден учесник на јавниот повик.

При денешна состојба, евидентна е брзата изградба на голем број сончеви фотоволтаични централи. Во определени периоди, може да се добие (купи) евтина електрична енергија, која не може да се пласира на берзата за трговија со електрична енергија. Со тоа се зголемува оправданоста за реализацијата на пумпно-акумулациониот хидроенергетски објект и може да се скуси периодот за враќање на инвестираните средства (Simple Payback Period).

Водата е со голема вредност денес, а во наредните десетлетија таа ќе станува сѐ поценета како стратегиски ресурс на секоја држава, но и во светски рамки. При носењето на одлуките, мора да се води сметка за суверенитетот и територијалната целина на државата како и уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со Планот за одбрана на Републиката. А во определувањето на економската оправданост на овој Проект потребно е да се анализираат многу важните придобивки кои се постигнуваат и тоа:

·         Наводнување на земјоделските површини во Пелагонискиот и Тиквешкиот регион;

·         Работа на домашните градежни и други компании во реализацијата на проектот;

·         Обука во реални услови на припадниците на армијата од родот Инженерија во процесот на минирање и уредување на непристапниот терен;

·         Внесување на современо Know-how во македонското стопанство;

·         Надградба на македонски стручен кадар, неопходен за нашето стопанство и

·         Позитивниот социјален ефект во однос на бруто-домашниот производ.

Од решенијата на овој Проект многу зависат одговорите и на следниве прашања: Колкаво е учеството на секој метар кубен вода во зголемување на приносот на земјоделските култури? Какво е влијанието на климатските промени во однос на очекуваниот годишен просек на врнежи? Кои количини вода се потребни за денешното ниво на индустријата и кои се очекувањата во блиската иднина од 10-20 години? Од каде ќе се обезбеди наводнувањето на Пелагонија и Тиквешко Поле, покрај другите извори и сл.

Постојат поголем број предлог-решенија кои се на ниво на идеја, пред-фисибилити или фисибилити студија. Во нив во суштина доминираат две насоки:

·         Неколку брани во каскада со помала височина (Скочивир, Чебрен, Галиште, Орлов Камен) или

·         Голем Чебрен (брана од 192 метри) придружен со мала брана Орлов Камен, за да се овозможи реверзибилна работа на постројките.

Потребно е целата досегашна инвестициско-техничка документација од секторите на електростопанство, земјоделие, животна средина, академските институции да се собере на едно место. Врз основа на длабинска анализа (Due Diligence), експертска работна група ќе дефинира најдобро прифатливо решение во однос на националните интереси на Република Македонија за кое ќе се изработи соодветна проектна документација (Идеен проект). Идејниот проект треба да биде ревидиран од реномирана ревизорска компанија. Следува изработката на главни проекти со кој ќе се дефинира РЕАЛНАТА ЦЕНА ЗА ИЗГРАДБАТА НА ОВОЈ ПРОЕКТ. После тоа може да се пристапи кон изработка на План за реализација на Проектот во сите негови фази (BIM - Building information modeling) во кој е вклучен и начинот на финансирањето и протокот на паричните средства (Business Plan).

Креирањето на соодветната правна рамка, која јасно ќе ги дефинира основите врз кои ќе се врши реализацијата и ќе се уредуваат внатрешните односи, претставува приоритетна задача сама по себе од највисоко ниво. Законот треба да биде подготвен со јасни и прецизни законски и подзаконски норми, без простор за толкување на законските решенија, со што се постигнува целта при спроведување на законот во практиката.

Политиката за наградување на изработувачите на целокупната документација треба да е соодветна и да одговара на оптовареноста и на одговорноста на учесниците за да може да се привлечат компетентни и искусни професионалци со цел да им се овозможи да вложат доволно време и енергија за извршување на своите задачи на одговорен и независен начин.

Доколку не биде донесен овој Закон, реализацијата на овој капитален проект ќе биде зависен единствено од политичката гарнитура која е на власт, нејзиниот капацитет и приоритет со повеќегодишно одложување на решавањето и повторно отворање на дилемата: Јавно приватно партнерство или изградба на овој капацитет со сопствени сили.

Со донесување на Законот, дел од придобивките кои ќе бидат овозможени се:

·         Формирање на компанија, акционерско друштво, во 100% сопственост на Македонија, со однапред дефиниран годишен буџет, кој не зависи од моменталната политичка гарнитура во Владата.

·         Средствата кои ќе се издвојат од буџетот ќе се вратат назад на ангажираните компании од поедините сектори на стопанството (градежништво, машинство, автоматика, електроенергетика и др.). Се зголемува БДП.

·         Ќе се отворат нови работни места за невработените и млади кадри, преквалификуваните работници од термоцентралите кои ќе се затворат и нашите работници и експерти од странство.

·         Учесниците во реализацијата, по потреба ќе се здружуваат, ќе се стекнат со дополнително искуство и референци за да настапат и на пазарот на труд надвор од Македонија.

·         Армиските припадници од родот Инженерија ќе се стекнат со многу потребните практични знаења и искуства истовремено влијаејќи на намалување на трошоците за реализација на Проектот.

·         Ќе се доделат стипендии на студенти од соодветните Технички факултети, со вработување на најдобрите поединци.

·         Ќе се намали одливот на високо стручен кадар надвор од државата.

·         Ќе заживее и ќе се рехабилитира македонската градежна оператива.

·         Ние како држава ќе решаваме кој ќе ја испорача опремата, со можност дел да се произведува кај нас, а нашите млади инженери да бидат кај нив на пракса.

·         Ние како држава ќе решаваме кои експерти ќе ги ангажираме за да учествуваат во проектирањето на деликатните делови, придружувани од наши млади инженери.

·         Ќе се овозможи учество на домашни и странски инвеститори, со право на дел од добивката после реализацијата на проектот.

·         Можност да се добијат средства од Европската Унија за енергетската транзиција (гаснење на термоцентралите) во согласност со Зелениот договор (Green Deal).

·         При анализите на проектот ќе се усогласат перформансите со проектот Вардарска долина.

Во Владата има доволен број советници, кои можат да го изготват или барем да придонесат при изработката на овој Закон, а со неговото објавување на страницата на ЕНЕР, јавноста ќе може да ги достави и своите коментари.

Имајќи го сето ова предвид, оваа Иницијатива за донесување Закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име “Проект Чебрен“ очекуваме да биде доставена до Претседателот на Владата, Претседателот на парламентот и сите пратеници, како би можеле истата со должно внимание да ја разгледаат. Воедно, очекуваме да нè известите за вашето понатамошно постапување.

Скопје, 11.01.2024 година
 
Подносители:

 Проф. д-р Константин. Димитров
 
 Проф. д-р. Атанаско Тунески
 
 Проф. д-р. Дејан Трајковски
 
 Проф. д-р. Вангел Фуштиќ
 
 Проф. д-р Арсен Арсенов
 
 Проф. д-р. Ана Лазаревска
 
 МБА, Јасминка Димитрова Капац дипл.инж.
 
 генерал потполковник Методија Величковски
 
 Проф. д-р Благица Новковска
 
 адвокат Тони Менкиноски
 
 Петар Трајков инж.арх.
 
 м-р Панзо Андонов дипл.ел.инж.
 
 Јордан Ставров дипл.инж.
 
 Илија Бендевски дипл.инж.
 
 амбасадор Ивица Боцевски
 
 полковник Душко Несторов
 
 Цветко Милошевски дипл.инж.
 
 м-р. Михајло Дранговски инж.арх.
 
 Владимир Пандовски - менаџер
 
 Дејан Димовски дипл.ел.инж.
 
 Христо Ивановски - новинар
 
 Владимир Дунговски дипл.ел.инж.
 
 Златко Поповски дипл.ел.инж.
 
 м-р. Дениз Мустафаоглу дипл.инж.

вј/са/

Фото: МИА архива и Здружение на инженери на Република Македонија
 
 

Остани поврзан