Збор во малтешко-англиски спор на „Евровизија“
- Инаку, со исклучок на спорниот збор, песната е целосно на англиски јазик.

Женева, 7 март 2025 (МИА) - Нови контроверзии се јавија околу „Изборот за песна на Евровизија“ на само неколку дена пред крајниот рок за поднесување песни. Британската радиодифузна корпорација (ББЦ) поднесе официјална жалба до Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во врска со песната на Малта за натпреварот. Жалбата е прифатена.
Во средиштето на скандалот е насловот на песната на претставничката на Малта, Миријана Конте - „Kant“. На малтешки јазик, „kant“ (кант), едноставно, означува „пеење“. На англиски, според „Речникот на Оксфорд“ и други извори, зборот „сunt“ се изговара исто, но се пишува различно, а се опишува како вулгарен синоним за „вагина“ или „вулва“, и обично се користи како вулгарен и навредив поим, најчесто - за жените.
Миријана Конте со објава на „Инстаграм“ го изрази разочарувањето од одлуката.
„Штотуку нè известија дека ЕБУ одлучи да не го дозволи малтешкиот збор 'kant' за нашиот влез на Евровизија. Многу сум шокирана и разочарана, особено затоа што имаме неполна недела да ја пријавиме песната, но ветувам дека шоуто ќе продолжи“, напиша Конте.
Малтешкиот министер за култура, Овен Боничи смета дека овој случај е „уметничка цензура“, како што рече за весникот „Тајмс оф Малта“.
- Ги разбирам многуте луѓе кои се крајно разочарани од одлуката на ЕБУ. И јас го делам тоа чувство, изјави Боничи.
„Доколку одредена песна се смета за неприфатлива поради која било причина, радиодифузерите имаат можност да ја променат или да изберат нова пред крајниот рок во согласност со правилата на натпреварот“, објаснуваат од ЕБУ за ДПА.
Инаку, со исклучок на спорниот збор, песната на Конте е целосно на англиски јазик. Во Малта сега се води дебата за можната замена за тој збор, бидејќи рокот истекува за само неколку дена. „Евросонг“ оваа година ќе се одржи во Базел, Швајцарија. си/
Фото: Јутјуб