Животните приказни на Братислав Димитров: Дупло дно
- Според една теорија, телевизијата е измислена за да имаат причина и неписмените да носат наочари. И носат. Седат завалиите пред телевизор и не мрдаат додека не ги одјават сите програми. После дискутираат. Во пракса не се усреќивме ни со писмениве.
Скопје, 16 март 2026 (МИА)
Братислав ДИМИТРОВ
Народна поговорка („Сите жени се курви, само мајка ми е поштена“)
Според една теорија, телевизијата е измислена за да имаат причина и неписмените да носат наочари. И носат. Седат завалиите пред телевизор и не мрдаат додека не ги одјават сите програми. После дискутираат. Во пракса не се усреќивме ни со писмениве. Пред некој ден, еден доктор на науки во интервју на ТВ освен за себе, патем спомна и некој свој колега кој „мометално е покоен“. Има логика. Тоа е исто како да прашаш во хотел дали има топла вода. А рецепционерот ти одговара: „Има, ама мометално е ладна. Значи водата постојано е топла, ама само сега е ладна.
Има особи кои со саати седат загледани во фрижидерот и длабоко размислуваат. После интелигентно се прашуваат, дали сијаличето сè уште свети внатре откако ја затвориле вратата на фрижидерот? Во неразвиени и заостанати држави таквите ги нарекуваат бадијалџии. Во „демократски држави“, тоа се нарекува истражувачко новинарство. Се жалат и кукумјавчат дека се под притисок и слободата им е загрозена. Тоа е исто како оние работници што се пентарат по бандери за да сменат сијалици, да се жалат дека им е страв од височина. Во старо време на таквите им се кажуваше: „Што не си станал поп, рака ќе ти бацуваа“.
Винстон Черчил одамна дал дијагноза: „Политичар е човек со силен желудник и слаба меморија“. Кај нас е допрецизирана: И со комплетно дебела кожа. Секој што не може да погоди копче на капут, станува експерт-аналитичар. Погодува што ќе се случи со нас и светот, во наредните децении и секунди. Како најлесно ќе ги препознаете овие интелектуалци? Додека читаат, мрдаат со усните. Значајно брчкање чело, дигање веѓа и трепкање, се подразбира.
А каков сум јас? Никаков. А најчесто нервозен. Овој пат ќе бидам искрен. Праведникот е грешник кој не е фатен. Никогаш не сум можел да го разберам чувството на триумф што се манифестира после секое апсење на „пријателките на ноќта“, под обвинение дека се бавеле со проституција. А со што се бават сите останати? Со градење правна држава? Садат росно цвеќе? Даваат крв? Ја сакаат татковината? Редовно сечат нокти и скришно чепкаат нос? Им помагаат на сиромашните и беспомошни лица? Едно е сигурно. Сепак, само тие редовно одржуваат хигиена. Ги удираат чорапите во ѕид. Ако не се одлепат, облекуваат нови.
Додека гласно и жолчно го одобрувате прогонот на тие госпоѓи што даваат професионални сексуални услуги, дали некогаш сте се запрашале како напредувале во кариерата „чесните“? И дали е фер да малтретирате жени, па макар и „проститутки“, само заради очајната потреба да ја одржувате во живот илузијата за својата лична и колективна „моралност“. И до кога продавањето на телото ќе се прогонува и казнува, а продавањето на душата ќе се афирмира и наградува? Од физичката проституција можат да се добијат (и не мора) неколку болести кои се лечат. Од духовната проституција се добива колонијализам, фашизам, комунизам, тоталитаризам, империјализам и лигави полтрони. Болести кои не се лечат, а и да се подизлечат, последиците се трајни и непредвидливи.
Убаво напишал неповторливиот Горан Стефановски: „Денес сè се купува и се продава. Најдрагоценото е најевтино“. Сакам некој учен да ми објасни. Кој е поголем криминалец? Проститутките што го продаваат сопственото тело, или тие што продаваат знаме, име и устав на држава која не е нивна сопственост? Тие жени продаваат ноќи, а мажињава продаваат децении и векови. И за разлика од другите, проститутките не се преправаат дека се светици.
Еден врвен доктор со богато клиничко искуство кажа дека комарот е поголем порок од дрогата. И најголемиот наркоман дневно може да потроши најмногу илјада евра. А комарџиите губат десетици и стотици илјади евра! Така се уништуваат цели семејства и нивните најблиски роднини. Во Македонија на секое ќоше има кладилници и казина. Да сме во близина, ќе го банкротираме Лас Вегас!
Значи комар може, а јавна куќа не може, а? Бравос ќе ви кажам за олимпискиот цинизам и лицемерие. И што тука не е јасно? Терминот „најстариот занает на светот“ убаво кажува дека физичката проституција е неуништлива. Единствениот начин целосно да се спречи е да се затвори едната половина од човечкиот род. „Секое дно има свое дно“. Ако не ви се верува, скокнете до Македонската телевизија и Македонската академија на науки и уметности. Таму се проститутките. Некој попаметен и пошколуван од мене нека се бави со симболики и метафори. Во случајов, јас зборувам за конкретни жени кои се бават „на црно“ со најстариот занает на светот. А сите вие како познати борци против сива економија, редно е да реагирате конкретно. Дозволете да има јавни куќи. Од нив сите се на ќар. Државата наплатува данок. Редовниот медицински преглед исклучува полови болести. И што е најважно, ќе се намали големиот број на разводи. Нема да има толкава потреба од швалеранција. А и многу е поевтино. Патем ќе се потсетиме дека нашите пари не се само наши.
Добро. За да не испаднам повторно старомоден и прост, овој пат имам разбирање. Сè зависи и од точката на гледање. За тие што имаат харем со жени, просечен европеец оженет со една жена се смета за ерген.
Фото: МИА