• сабота, 23 ноември 2024

За три години Европска куќа во Крива Паланка реализирала над 500 настани за младите од регионот

За три години Европска куќа во Крива Паланка реализирала над 500 настани за младите од регионот

Крива Паланка, 19 февруари 2024 (МИА) - Целта на постоење на една Европска куќа во заедницата е младите луѓе да развиваат вештини, да споделуваат знаења и да разговараат за важни теми од глобално значење. Импресивен е фактот што во овој период од три години реализирани се преку 500 настани, со кои се опфатени околу 22.000 луѓе од регионот и пошироко, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир за време на одбележување на три години постоење на Европската куќа во Крива Паланка.

Во Европската куќа во Крива Паланка денеска се одржа базар на вештини што вклучи млади таленти од шест општини - училишен оркестар „Симфониум" од гимназијата „Гоце Делчев" Куманово кој под диригентската палка на професорот Филип Петровски изведе класични валцери во спој со македонски изворен фолклор, средношколци - иноватори од СОУ „Ѓ Петров" Крива Паланка под менторство на професорот Драган Китановски, кои го претставија иновативното столче за заштеда на енергија, а учесници беа и учениците од СОУ „Наце Буѓони, Куманово, од Липково, Кочани, Ранковце од ОУ „Х.Т.Карпош", со СТЕМ-роботика и од СОУ „Митко Пенџуклиски" Кратово кои презентираа гастрономија и ракотворби.

-Сѐ ова е една генерална карактеристика на вашето општество, различностите и богатството на заедницата, што значи дека овие млади се богатството и иднината на државата која многу скоро ќе биде дел од Европската унија и инвестирањето во младите значи инвестиција во иднината на вашата земја, рече Гир.

Според Гир, целта на постоење на Европска куќа во заедницата е младите луѓе да имаат место кадешто ќе се среќаваат, ќе разговараат она што за нив е значајно, ќе споделуваат мислења,идеи, да учат едни од други на база на нивните искуства, во една поширока рамка, преку вредностите на самата Европска унија.

-Тука учат и за ЕУ, но и развиваат вештини, да споделуваат знаења и да разговараат на важни теми од глобално значење како зелената агенда, ментално здравје кај младите, медиуми, теми поврзани и со она што нив лично ги засега, додаде Гир.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, го честиташе роденденот на ова место на новите генерации млади, кое, како што рече, го помага развојот на потенцијалите на сите млади преку промовирање и поттикнување на нивните вештини.

-Европската куќа Крива Паланка три години е јадро на младите од градот и регионот, им отвора нови перспективи преку сите достапни програми на ЕУ. Добро информирани, едуцирани и мотивирани млади луѓе се цврст темел на една држава и затоа постојано се во фокусот на нашата работа. И јас како градоначалник, но и општината се гордееме што имаме едно вакво место каде сите активности и настани директно се насочени на развој на потенцијалот на младите личности и унапредување на нивните вештини. Им честитам што како и секогаш, Европската куќа и денес е исполнета со младешки дух и прекрасна енергија. Младите и вешти таленти, квалитетите што ги поседуваат, ме прават навистина среќен и горд, рече Митовски.ид/бт/

Фото: МИА 

Остани поврзан