На Клиниката за ТОУРАЛЕЦ првпат изведена операција на колено со помош на робот
- На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОУРАЛЕЦ) првпат во јавното здравство во земјава, со асистенција на робот успешно е изведена операција на колено. Станува збор за интервенција врз 70-годишна жена изведена од страна на хирурзи од ТОУРАЛЕЦ и хирурзи од клиника во Лариса во Грција, со асистенција на позајмен робот.
Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) – На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОУРАЛЕЦ) првпат во јавното здравство во земјава, со асистенција на робот успешно е изведена операција на колено.
Станува збор за интервенција врз 70-годишна жена изведена од страна на хирурзи од ТОУРАЛЕЦ и хирурзи од клиника во Лариса во Грција, со асистенција на позајмен робот.
Директорот на ТОАРИУЛЦ, д-р Александар Трајановски информира дека операцијата траела околу еден час.
- Испишуваме историја на Клиниката за ортопедски болести. Направена е прва операција со асистенција на робот, што не е мала работа за мала држава како што е нашата, да сме рамо до рамо со сите светски клиники и сите европски и светски стандарди. На клиниката и понатака ќе продолжиме со имплантирање на тотални протези. Сега ова е нова процедура која овозможува преку асистенција на робот да се минимализира било каква можност за компликација, во смисла дека хирургот досега правел се сам. Роботот е асистенција на хирургот, но сепак носечки дел е хирургот. Од големо значење е затоа што ги следиме сите светски стандарди и придонесува процентот за грешка да е многу помал, изјави директорот на Клиниката.
Тој додаде дека Клиниката има одлична соработка со Клиничката болница во Лариса и изрази благодарност за поддршката од Министерството за здравство, кое, како што рече, создава услови експерти од странство да доаѓаат и да вршат обуки.
Министерот за здравство Фатмир Меџити посочи дека Министерството во иднина ќе се залага за набавување на ваков робот, но дека сепак треба да се земе предвид и буџетот.
- Како министер сакам да ја истакнам мојата заложба за што побрзо приближување на реформската агенда, а во исто време барајќи можности за иницирање на промени кои ќе имаат непосредно влијание врз пациентите, нивните семејства и здравствените работници, посочи министерот.
Докторите од Грција оценија дека роботиката е иднината и дека ова е голем чекор за нашата држава.
Во однос на чекањето на термини за интервенции, директорот на Клиниката за ортопедски болести рече дека има голем број на пациенти кои чекаат замена на вештачко колено и колк, но дека се трудат максимално да одговорат на нивните барања, колку што дозволуваат условите.
- Наоѓаме простор колку што ни дозволуваат условите, реално имаме три операциони сали, Понекогаш остануваме да работиме и втора смена, со цел да се намали листата на чекање, листата е голема. Но, сепак еве и со консултации и договор со Министерството за здравство ќе најдеме решение за таа листа побрзо да се намалува. Мислам дека нема пациент кој чека повеќе од три до четири месеци, значи не е тоа итна патологија за да мора денес одма да се изведе операција, рече Трајановски.
Одговарајќи на новинарско прашање за нефункционирањето на лифтови на некои клиники, министерот Меџити рече дека ќе иницира да нема заедничка служба која ќе ги одржува лифтовите.
- Има тековни законски процедури кои мора да се почитуваат, но ќе се разрешат, потенцира министерот.
Меџити додаде и дека имало недоразбирање во јавноста за наводно враќање на работа на пензионираните специјалисти и професори, појаснувајќи дека станува збор за задржување на работа на оние лекари на кои законски може да им се одложи пензионирањето, односно за оние од 64 до 67-годишна возраст.
- Нема да одат сите во пакет, туку само оние за кои навистина мислиме дека ќе има потреба да дадат придонес со нивното долгогодишно искуство, појасни Меџити. свс/сп/
Фото: МИА