• среда, 25 декември 2024

За власта одложување на пописот не е опција и најавува негово безбедно спроведување, досега попишани над 121.000 наши државјани во странство

За власта одложување на пописот не е опција и најавува негово безбедно спроведување, досега попишани над 121.000 наши државјани во странство
Скопје, 23 март 2021 (МИА) - Одложувањето на пописот не е опција за власта, која најавува дека тој ќе биде спровден според највисоки стандарди и во целост ќе бидат заштитени и попишувачите и оние кои треба да бидат попишани. Додека траат подготовките за старт на пописот на 1 април, до вчера до 9 часот се попишале 121.580 македонски државјани, кои живеат и престојуваат во странство. Владиниот портпарол Душко Арсовски вчера на прес-конференција изјави дека одложувањето на пописот не е опција, бидејќи ова е широка операција која се работи месеци наназад, преземени се сите мерки, ангажирани се сите капацитети во државата. - Веќе неколкупати рековме дека сите највисоки стандарди ќе бидат запазени и во целосост ќе бидат заштитени и попишувачите и оние кои треба да бидат попишани, изјави Арсовски. Тој нагласио дека пописот е од витално значење за државата за понатаму да може да се прават стратегии за развој. - Правиме се што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи, скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено. Протоколот го изработи Комисијата за заразни болести. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Овие протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси, нагласи Арсовски. На истата прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика (ДЗС) информира дека до вчера до 9 часот се самопопишале 121.580 државјани на Република Северна Македонија кои живеат и престојуваат во странство, при што само во викенд деноноќието се попишани повеќе од 20 илјади граѓани. Таа оцени дека ова нагло зголемување на самопопишани во дијаспората се должи на викендот и на тоа што кампањата што се води во странство ги дава резултатите, апелирајќи до граѓаните да се самопопишуваат. - Засега се се одвива според планот и роковите кои досега беа предвидени и нема никакви одложување на сите постапки и процедури, нагласи Ѓоргиева. Таа истакна дека пописот претставува задолжителна активност на ДЗС предвидена во Програмата за работа и дека спроведувањето или неспроведувањето на терен во зависност од ковид-ситуацијата не е нешто за кое може да одлучи Заводот. - Ние само ги следиме поставените рокови, донесените одлуки  и законските обврски што не обврзуваат да спроведеме попис, рече таа. Арсовски и Ѓоргиева упатија порака до сите граѓани да учествуваат во пописот, а сите политички чинители да дадат придонес и да повикаат на масовно попишување. Арсовски посочи и дека учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција, а против тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, за што казните се до 300 евра. Во исто време, ВМРО-ДПМНЕ одново повика на одлагање на пописот, оценувајќи дека во „според проценките во периодот на спроведување на пописот би имало околу 2400 починати и околу 50 илјади заболени“. сп/

Остани поврзан