Засадени дрвја во стариот градски парк во Куманово преку европски проект
- Во градскиот парк во Куманово, преку проект поддржан од ЕУ, денеска беа засадени 210 висококвалитетни садници. Садниците се дел од вкупно 1815 дрвја, донирани од Европската Унија, на иницијатива и организација на УНОПС, во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“, спроведуван од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги – УНОПС, соработка со Општина Куманово.
Куманово, 5 декември 2024 (МИА) - Во градскиот парк во Куманово, преку проект поддржан од ЕУ, денеска беа засадени 210 висококвалитетни садници. Садниците се дел од вкупно 1815 дрвја, донирани од Европската Унија, на иницијатива и организација на УНОПС, во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“, спроведуван од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги – УНОПС, соработка со Општина Куманово.
Акцијата претставува чекор напред кон создавање на поздраво опкружување и зајакнување на отпорноста на градот на климатските промени и предизвици. Како што соопшти раководителот на Сектор за соработка во Делегацијата на ЕУ, Штефан Худолин, станува дел за голем проект вреден десет милиони евра, со кој треба да се подобри квалитетот во воздухот не само во Куманово, туку и во Скопје, Битола и Тетово.
- За жал на ниво на ЕУ и низ целиот свет, ова се дел од најзагадените градови и ние сакаме да дадеме свој придонес за заштита на животната средина, меѓутоа за жал, садењето на дрвја нема да биде доволно за ова, потребно е да се направат напори на сите нивоа од страна на граѓаните, институциите, од донесувачите на политики за да се создаде нешто што ќе биде одржливо и ќе потрае за граѓаните, изјави Худолин.
Тој посочи дека ќе продолжи поддршката кон Северна Македонија да се намали загадувањето, да се подобрат условите во животната средина. Програмскиот раководител на УНОПС, Марко Вујачиќ, рече дека, садењето на дрвца е само дел од активностите. Во рамките на проектот се поставуваат и топлотни системи во два јавни објекти, а следната година ќе бидат заменети топлотни системи на дополнителни седум објекти.Активностите имаат за цел креирање поотпорна средина, намалување на аерозагадувањето. За него е важно да се сочуваат дрвјата во наредните децении, за што побара поддршка од граѓаните.
- Европската унија ќе оддели 1,1 милиони евра за Општина Куманово и ќе продолжиме со многу активности во 2025 година заедно со општината и УНОПС и затоа се надевам дека овие активности ќе имаат навистина добри резултати кои ќе можеме да ги посведочиме, рече Вујачиќ.
Од локалната власт најавија дека идната година ќе субвенционираат инвертер клими.
- Освен дрвјата што се садат, ќе се насадат 1815 дрвја во рамките на овој проект на Градскиот кеј, Градскиот парк, во Соколана, ќе имаме поврзување на главните институции загадувачи на гас. Општина Куманово учествува со свои финансии во приклучоците, рече претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски рече дека на 20 декември ќе заврши засадувањето на дрвјата во Куманово.
На денешната еколошка акција присуствуваа претставници од општинската администрација, секретарот Александар Гелевски и претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска, вработени од ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, ЈП „Куманово – гас“, ученици доброволци од „Браќа Миладиновци“ – Куманово, претставници од Одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски развој (ЛЕР), Одделението за заштита на животната средина и природата и Сектор за урбанизам од Општина Куманово и претставници од проектот, кој се спроведува во повеќе етапи. ам/
Фото: МИА и општина Куманово