• сабота, 23 ноември 2024

Започнува 10. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија”

Започнува 10. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија”

Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) - Со проекција на филмот „Итало” на режисерката Алесија Скарсо, вечерва во Кино Милениум под мотото „Невидлива моќ” започнува 10-тото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија”. Фестивалот ќе го отвори амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри.

-Десеттата година на фестивалот се одржува во Европската година на младите и темата на фестивалот „Невидлива моќ” е посветена на моќта на младите, која е невидлива во општеството, но моќ на која ќе се гради сегашноста и иднината за сите, изјави директорот на Фестивалот, Дарко Башески на денешната прес-конференција.

На прес-конференцијата отворањето на Фестивалот го најави и Јакопо Губитози, директор на Giffoni Experience во Италија.

Како што информираа, на Џифони ќе учествуваат повеќе од 500 ученици од Северна Македонија и шест европски земји. Поделени се во три возрасни групи, а предвидени се дискусии за филмовите, работилници, средби со успешни уметници. Меѓу другото, учениците ќе имаат можност да се запознаат со културата и традициите на учесниците од странство.

 

Фестивалските активности ќе продолжат од 6 до 10 октомври во Кинотеката и Младинскиот културен центар, каде покрај богатата програма на активности резервирана за учесниците на фестивалот, ќе има и низа настани отворени за публиката како и интересни гостувана на млади и успешни уметници од Македонија и од странство.

Деа Крстевска Тамборини, програмски директор на Џифони Македонија најави дека е организиран настан отворен за публиката посветен на Денот на италијанскиот стрип на 6 октомври.

— Настанот е организиран во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје, на кој ќе гостуваат двајца автори на познати стрипови, меѓу кои и „Дилан Дог", Серџо Џерази и Алесандро Билота, а ќе биде поставена и изложба на нивни цртежи, истакна Крстевска-Тамборини.

 

Во сабота ќе гостуваат Сергеј, Наталија и Мартин од импров групата НАСТАП, а Роберто Геци и Антонио Масаруто од Италија ќе ја презентираат новопоставената изложба на нивни уметнички дела создадени во хармонија со природата во нашата држава.

Премиерно на 9 октомври ќе бидат прикажани првите две епизоди од новата македонската серија „Генерација Бушави”.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври, кога ќе бидат објавени победничките филмови во сите категории, а ќе бидат прикажани и творбите кои ќе произлезат од петдневните креативни работилници. ки/ац/

Остани поврзан