• сабота, 23 ноември 2024

Започна Стратешкиот дијалог за иднината на земјоделството во ЕУ 

Започна Стратешкиот дијалог за иднината на земјоделството во ЕУ 

Брисел, 25 јануари 2024 (МИА) - Во Брисел денеска започна Стратешкиот дијалог за иднината на земјоделството, чија задача е да воспостави заедничка визија за иднината на земјоделскиот и прехранбениот систем на Европската Унија. 

Во обраќањето на стартот на форумот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека целта на Стратешкиот дијалог е да креира јасна визија за иднината на земјоделството, која ќе биде во корист на сите.  

- Сега е време да се постигне нов консензус за храната и земјоделството меѓу земјоделците, руралните заедници и сите други актери во агро-прехранбениот систем на ЕУ, нагласи Фон дер Лајен. 

Таа истакна дека земјоделците и прехранбената индустрија им обезбедуваат здрава и висококвалитетна храна на европските граѓани и имаат значаен придонес за економијата на ЕУ, особено во руралните области.  

- Тие, исто така, прават огромни напори да придонесат за нашите колективни зелени и дигитални транзиции, но во исто време се соочуваат и со широк спектар на предизвици, кои се движат од климатските промени и инфлацијата, па до нестабилните влијанија на пазарот, додаде Фон дер Лајен. 

За претседавач на Стратешкиот дијалог е избран универзитетскиот професор Петер Штрошнајдер, кој од 2020 година е претседател на германската владина Комисија за иднината на земјоделството. 

Тој во обраќањето пред присутните на собирот нагласи дека Стратешкиот дијалог ќе се посвети на „усогласување“ на земјоделството и заштита на природата, на тој начин што тие „ќе одат рака под рака“.  

- Убеден сум дека е можно разумно балансирање на економските, еколошките и социјалните аспекти на целиот прехранбен систем на начин што ќе ја земе предвид широката разновидност на ова поле. Со нетрпение очекувам да работам заедно со сите учесници во Стратешкиот дијалог, истакна Штрошнајдер. 

Отпочнувањето на Стратешкиот дијалог за иднината на земјоделството Фон дер Лајен го најави во ланското обраќање за „Состојбата на Унијата“ пред Европскиот парламент. 

Идејата на неговото организирање е да се осврне на предизвиците, но и на можностите со кои се соочуваат земјоделците и руралните заедници, како што се обезбедување подобар животен стандард, поддршка на земјоделството во насока на зачувување на екосистемите, искористување на можностите што ги нудат науката и технолошките иновации или промоција на просперитетна иднина на прехранбениот систем на ЕУ во услови на зголемена конкурентност во глобални рамки. 

Во Стратешкиот дијалог се вклучени клучните чинители од целиот систем на земјоделството и производството на храна - земјоделците, земјоделските задруги, земјоделско прехранбената индустрија, руралните заедници, невладините организации и граѓанското општество, финансиските институции и академската заедница. Во Дијалогот ќе бидат вклучени и претставници на Советот на ЕУ и Европскиот парламент, а дополнително претседавачот Штрошнајдер има обврска редовно да ги информира овие две институции за резултатите од Дијалогот и да разменува мислења со нив. 

Во рамки на дијалогот во првата половина од годинава ќе се одржат серија тематски состаноци, со цел да се дојде до нови решенија и до летните месеци да се усвои заедничка визија за иднината на земјоделскиот и прехранбениот сектор на ЕУ. сп/

Фото: ЕУ

Остани поврзан