• сабота, 09 ноември 2024

Започна изградба на велосипедска патека долга четири километри во Моклиште

Започна изградба на велосипедска патека долга четири километри во Моклиште
Кавадарци, 29 јануари 2020 (МИА) - Спортско рекреативен и туристички проект започна да се спроведува кај кавадаречкото село Ваташа. Се работи за повеќенаменска патека, рекреативна и велосипедска, долга четири километри и широка четири метри, покрај реката Луда Мара. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јачев соопшти дека проектот од околу 35 милиони денари е поддржан од Агенцијата за рурален развој преку Министерството за земјоделство, за две илјади метри со 15 милиони денари, а другата половина преку Вардарски плански регион. -Комплетно ќе биде осветлена. Ќе може да се користи 24 часа. Почнува од мостот во селото Ваташа и завршува до Моклишка воденица. Подрачјето има голема историја, убава природа кои се од големо значење за општина Кавадарци. По патеката се предвидени бројни содржини. Тука е споменикот на 12 младинци, моклишката брана, воденицата од 15 век. Со ова заокружуваме еден крупен проект за општина Кавадарци. Ќе бидеме единствена општина која има вакво нешто, рече Јанчев, заблагодарувајќи се на министерот за земјоделство Трајан Димковски и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, за поддршката на општинските проекти. Се очекува изградбата да заврши за околу три месеци. Министерот Димковски рече дека ова е еден од двеста проекти коишто се финансираат од програмата за рурален развој, односно тоа е преку Министерството за земјоделство и Владата која ги носи програмите. -Сите овие двеста проекти се со финансиска поддршка од 38 милиони евра. Самиот овој проект е некаде 14,6 милиони денари во инвестицијата од истата програма за рурален развој, додаде министерот, нагласувајќи ја исто така прекрасната природа наоколу која е благодет. Директорот Бабовски информираше дека општината преку Програмата за рурален развој има добиено три проекти и уште еден кој ќе го спроведува Центарот за развој на Вардарскиот регион. Преку четирите проекти овде ќе се реализираат инвестиции од 49,8 милиони денари. Тој исто така соопшти дека со средства од програмата за рурален развој, во селото Сопот ќе се реконструира атмосферска канализација на три улици, а четири улици ќе добијат обновени водоводни линии. Ќе се реализира и проект за пристапен пат до земјоделско земјиште во Моклиште. Средствата се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, преку програмата за рурален развој. Општината само ќе треба да плати данок за додадена вредност. -Преку проектите ќе се развива руралниот туризам со што директно се влијае и на развојот на локалната економија, нагласи Бабовски. свд/ир/ https://www.youtube.com/watch?v=kXuNqSYTkxU

Остани поврзан