• недела, 22 декември 2024

Започна изградбата на современа атлетска патека во Гевгелија

Започна изградбата на современа атлетска патека во Гевгелија

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) – Почетокот на изградбата на новата атлетска патека во Гевгелија беше означен денеска од министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Патеката е со должина од 320 метри изградена по високи стандарди, ќе има ширина од пет метри и ќе се трча на четири ленти.

Како што соопштуваат од Министерството за спорт, во своето обраќање, министерот Ристовски истакнал дека изградбата на современи спортски објекти е од клучно значење за развојот на спортот и за поддршка на младите таленти.

- Изградбата на атлетската патека во Гевгелија е уште еден проект со кој покажуваме дека Министерството за спорт стои позади спортот и спортската инфраструктура. Нашата ситуација во спортот е таква да мораме да почнуваме од нула, прво да направиме една здрава спортска инфраструктура, да ги обновиме сите оние заборавени спортски објекти во Македонија, да финансираме вистински спорт и дури потоа да бараме резултати, рече министерот. 

Како што дополни, ова е и показател дека ќе се работи и на финансирањето и на инфраструктурата во спортот. 

- Ова ќе биде атлетска патека која покрај професионалните спортисти ќе можат да ја користат и рекреативците и сите граѓани на Гевгелија – истакна Ристовски, за проектот вреден осум милиони денари за кој рече дека очекува да биде завршен до крајот на годината.

Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов ипосочил дека Гевгелија за прв пат ќе добие ваква спортска инфраструктура.

-Оваа атлетска патека ќе биде во должина од 320 метри изградена по високи стандарди, ќе има ширина од пет метри и ќе се трча на четири ленти. Патеката ќе ја користат и атлетичарите од АК „7 Ноември“, но и сите гевгеличани кои што се љубители на овој спорт. Сакам да се заблагодарам на министерот Борко Ристовски кој имаше слух за иницијативата на АК „7 Ноември“ за реализација на овој проект, рече Сарамандов. ар/ев/

ФОТО: Министерство за спорт 

Остани поврзан