• сабота, 23 ноември 2024

Заев - Курц: Имаме заедничка обврска да ја обезбедиме европската иднина на Западен Балкан  

Заев - Курц: Имаме заедничка обврска да ја обезбедиме европската иднина на Западен Балкан  
Скопје, 18 јуни 2021 (МИА)Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров денеска оствари билатерална средба со австрискиот канцелар и домаќин на Самитот за Западен Балкан во Виена, Себастијан Курц.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев упати благодарност за огромната поддршка на Австрија за Северна Македонија и за европската иднина на целиот регион и го охрабри канцеларот Курц да продолжи со извонредниот и посебен ангажман со што ги мотивира граѓаните на земјите кандидатки да останат фокусирани на европските цели и во исто време ги поттикнува и потсетува земјите членки да ги исполнат своите ветувања кон земјите од Западен Балкан.
- Крајно време е Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ и да ја интензивира сопствената и регионалната европеизација преку отворањето на поглавјата низ преговорите, е една од заедничките констатации од разговорот, се наведува во соопштението.
Заев и Курц на средбата изразиле задоволство од видливиот раст на австриските инвестиции во Северна Македонија и од големиот интерес за нови економски соработки и проекти во областите обновливи извори на енергија, инфраструктура и здравство. дма/рп/

Тагови

Остани поврзан