• сабота, 06 декември 2025

Заврши шестата Малореканска летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“

Заврши шестата Малореканска летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“

Дебар, 3 септември 2025 (МИА) - Во неговото родно село - Тресонче и во Бигорскиот манастир се одржа шестата Малореканска летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“,  значаен културно-научен настан, кој посветено се занимава со духот на мијачката уметност и култура и е посветена на истражувањето на делото на еден од најголемите македонски зографи - Дичо Зограф. 

Се одржа под покровителство и организација на Бигорскиот Манастир „Св. Јован Крстител“, Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, Општина Маврово и Ростуше и Здружението на граѓани „Брзовец“ – Тресонче. 

Школата започна на 30 август со свечено отворање во црквата „Светите Aпостоли Петар и Павле“ во Тресонче, каде присутните ги поздравија научниот раководител Сашо Цветковски и Ненад Макуљевиќ, во Бигорскиот манастир беа одржувани научни сесии, а беа реализирани и теренски посети на храмовите во регионот.

Во текот на пет дневната програма во вечерните сесии што се одржуваа во Бигорски беа изнесени низа значајни прилози што го продлабочија разбирањето за зографската традиција и за духовно-културниот контекст на XIX век.

-Теренската настава опфати молитвени и стручни посети во Гари („Успение на Богородица“), Лазарополе („Св. Ѓорѓи“), Дебар („Успение на Богородица“), Требиште („Св. Ахилиј“), Битуше („Св. Архангел Михаил“ и Скитот „Св. Кирил и Методиј", како и Ростуше, при што учесниците, покрај уметничко-историските вредности, ја почувствуваа и живата врска меѓу верата и уметноста што го обликува идентитетот на Мијачијата, информираа организаторите.

Завршницата се одржа во Бигорскиот манастир, каде  Архимандрит Доситеј им врачи на учесниците сертификати за учество, изразувајќи признание за нивниот научен придонес во расветлувањето на историјата на Бигорски и на сиот рекански предел. 

Според учесниците, Школата уште еднаш потврди дека Бигорскиот манастир е светилник каде што живото црковно предание и сериозната научна мисла плодотворно се среќаваат, оставајќи траен печат врз нашата културна меморија и повикувајќи на понатамошно истражување и зачувување на богатото духовно и културно наследство. вт/вј/


Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан