• понеделник, 23 декември 2024

Заврши обележувањето на планинарската патека до месноста Св. Води кај село Тработивиште

Заврши обележувањето на планинарската патека до месноста Св. Води кај село Тработивиште

Делчево, 2 јануари 2023 (МИА) -  Планинарскиот спортски клуб ,,Голак” го заврши обележувањето на планинарската патека од село Тработивиште до месноста Свети Води на планината Средна. Активноста како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски, е дел од одбележувањето на 10 години постоење на ПСК „Голак" Делчево.

-Со оваа патека Делчево на располагање има уште еден планинарско-туристички производ, кој е ставен на располагање на сите планинари, вљубеници во природата, печуркари, велосипедисти. Проектот беше направен и поднесен од ПСК „Голак" Делчево, додека финасиски подржан од општина Делчево, информираше Чучуковски.

Патеката како што додаде е комплетно уредена по Законот за планинарски патеки.

-Истата е маркирана по Књефелцова и Лентова маркација со поставување на патокази и инфо-табла. Голема благодарност до нашите членови Давид Златковски, Мартин Крстовски, Сашко Стојковски со кои заедно учествувавме во поставување и обележување на патеката. Исто така благодарност и на Миле Велков  кој помогна во поставувањето на Инфо-таблата во село Тработивиште, како и на останатите луѓе од селото кои беа со нас, додаде Чучуковски. 

Свети Води е месност каде се наоѓат три води, меѓу населението познати како три свет свети води, наречени по светителките Св.Богородица, Св Петка и Св.Недела. 

Според нивните верувања водите имаат исцелителна моќ, додека од страна на историчари се смета дека овде е една од можните локации каде браќата Кирил и Методиј ја напишале глаголицата, за што во близина на месноста се наоѓа објект, кој наликува на испосничка ќелија која им служела на сесловенските просветители како засолниште. вс/сст/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан