• петок, 21 февруари 2025

Заврши дводневната работилница за театарска куклена уметност во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово

Заврши дводневната работилница за театарска куклена уметност во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово

Куманово,  19 февруари 2025 (МИА) - Заврши дводневната работилница за театарска куклена уметност во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово на која присуствуваа уметници и заинтересирани учесници од земјава кои активно учествуваа во работилницата преку вежби и теорија, информираа денеска од НУЦК. Предавачи беа гостите од Република Бугарија, Гергана Трајкова, театарски критичар, драматург во Театарот во Враца, предавач по историја на театар и куклен режисер, и Георги Маноел Димитров, артист, солист, предавач за актерско мајсторство за куклен театар на НАТФИЗ Крсто Сарафов во Софија и основач на курс по куклотерапија за деца.

- Воодушевени од интересот и посветеноста на сите учесници во оваа дводневна обука и работилница и благодарни на домаќините од Театарот во Куманово што нè поканија да ја претставиме оваа сфера од театарската уметност која во Бугарија има долга традиција и е застапена и практикувана во скоро секој театар. Кукленоста како што самиот поим кажува е посебна дисциплина и уметност од театарската уметност со правила и законитости. Куклата и актерот во оваа дејност мора да се сплотат и да создадат целина. Подготвени сме да дојдеме повторно и драго ни е што запознавме луѓе кои го сакаат театарот, сакаат да научат и да усвојат ново за кукларството и сигурни сме дека со заедничка работа и посветеност можеме да направиме и да ја популаризираме оваа сфера и дејност од театарот и во Македонија, изјави обучувачот Георги Маноел Димитров.

За Нина Максимова, актерка од кумановскиот театар работилница е вистинска инспирација и незаборавно искуство.

- Во земјава, многу малку знаеме, работиме и гледаме куклен театар (освен во Театар за деца и младинци и ретко по други места) и малку знаеме за кукларството и каква неверојатна, комплексна и убава работа е тоа. Во прекрасна и забавна атмосфера, освен што научивме нови работи, пробавме некои техники, се запознавме со различни видови на кукли и начини на работа/игра со нив. За предавачите можам да кажам дека е реткост и вистинско богатство да се запознаат толку инспиративни луѓе, имаат неверојатно знаење, искуство, жар и љубов за таа толку специфична работа – куклениот театар. Бугарската школа е доста напредна и позната во таа област, додека во Македонија и воопшто нема катедра за кукларство, па така овие средби се доста значајни за нас, од нив многу може да се научи. Лично, ме инспирираше од многу аспекти, и како актер и како некој кој долги години работи со деца (проекти, претстави, драмско студио, театар на сенки), би сакала да се занимавам со куклен театар во иднина, навистина отвора еден богат свет на имагинација, вели Максимова.

Куклите кои ги донесоа гостите од Бугарија се од Кино – театар „Б’лгаран“ од професор Румен Рачев и доцент Борјана Георгиева, „Кловнови и кукли“ сценарио и претстава од професор Жени Пашова, доцент Петар Пашов и Георги Спасов, кукли – Валентина Германова. Инаку, со ова професија во Република Бугарија се занимаваат неколку истакнати мајстори кои ги изработуваат театарските кукли за тамошните театри. ам/са/

Фото: НУЦК

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан