• недела, 29 декември 2024

Забранета продажба на облека, обувки, книги, играчки во супермаркетите во Грција додека трае карантинот

Забранета продажба на облека, обувки, книги, играчки во супермаркетите во Грција додека трае карантинот
Атина, 10 ноември 2020 (МИА) – За да се избегне нелојалната конкуренција за време на карантинот, од утре е забранета продажба на облека и обувки, електронски производи, играчки, книги и слично во супермаркетите до 30 ноември, односно сѐ додека се затворени останатите продавници специјализирани за вакви производи, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис, вели дека одлуката е „обид да се обезбеди рамнотежа и еднаквост на пазарот, во периодот додека се во сила рестриктивните мерки“ и голем дел од бизнисите се затворени по наредба од државата. Согласно објавената министерска одлука, за време на карантинот во продавниците за храна и супермаркетите забрането е да се продаваат: компјутери, компјутерски уреди и софтвер; телекомуникациска опрема; аудио и видео опрема; текстилни производи; теписи; електрични апарати за домаќинство; мебел, лустери и други предмети за домаќинството (со исклучок на резервни делови); книги; играчки, облека (со исклучок на хулахопки) и обувки. Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис, говорејќи за грчкото радио „Скај100.3“ и истакна дека грчкиот премиер ја разгледува можноста да се отворат книжарите и продавниците за продажба на книги. ср/сд/

Остани поврзан