Забележан раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити
- Вкупните депозити во февруари на годишно ниво бележат зголемување од од 11,1%, а вкупните кредити раст од 11,5%, соопшти Народната банка.

Скопје, 24 март 2025 (МИА) - Вкупните депозити во февруари на годишно ниво бележат зголемување од од 11,1%, а вкупните кредити раст од 11,5%, соопшти Народната банка.
Во февруари 2025 година, паричната маса оствари месечен раст од 0,2%, под влијание на зголемените депозитни пари и долгорочните депозити до две години, додека краткорочните депозити и готовите пари во оптек бележат намалување. Годишниот раст на паричната маса изнесува 9,2% и пред сè произлегува од повисоките депозитни пари и долгорочните депозити до две години, при помал позитивен придонес и на готовите пари во оптек и краткорочните депозити.
Вкупните депозити, во февруари, се зголемени за 0,4% на месечна основа, во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, во услови на пад на депозитите на корпоративниот сектор. Споредено на годишна основа, забележан е раст од 11,1%, поради зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес кон растот на депозитите на секторот „домаќинства“.
Во февруари, вкупните кредити бележат раст за 1,1% и 11,5% на месечна и на годишна основа, соодветно. Промената кај двете основи е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари, остварија месечно намалување од 1,0% како резултат на падот на краткорочните депозити во странска валута, додека останатите компоненти забележаа раст. Годишниот раст изнесува 7,4% и произлегува од повисоките депозитни пари, краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при забележан пад на краткорочните депозити во странска валута. Во февруари, кредитите на корпоративниот сектор5 забележаа месечен и годишен раст од 1,5% и 14,3%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, се зголемени за 0,8% во однос на претходниот месец, во поголем дел под влијание на зголемените депозитни пари и долгорочни депозити во денари и во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари и во странска валута. Депозитите на домаќинствата бележат годишно зголемување од 13,1% како резултат на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на намалување на краткорочните депозити во странска валута и во денари. Овој месец, кредитите на домаќинствата забележаа месечно и годишно зголемување од 0,7% и 8,9%, соодветно. Промената кај двете основи се должи на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, е забележан месечен раст од 0,9% и 1,2%, соодветно, при годишен раст од 8,5% и 13,3%, соодветно. Во февруари, автомобилските кредити се намалени за 0,8% на месечна основа, додека на годишна основа бележат зголемување од 6,5%. Овој месец, кредитите одобрени на кредитните картички остварија месечно и годишно намалување од 1,8% и 9,0%, соодветно. Во февруари, кај негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен пад од 0,9% и 1,5%, соодветно, како и годишно намалување од 5,0% и 9,5%, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка. са/дма/
Фото: МИА