• среда, 25 декември 2024

Жителите на „Градинар“ во општина Кисела Вода добиваат фекална канализација долга 2.4 километри

Жителите на „Градинар“ во општина Кисела Вода добиваат фекална канализација долга 2.4 километри

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - До крајот на април, жителите на населбата „Градинар“ во Општина Кисела Вода ќе добијат фекална канализациона мрежа долга 2.4 километри. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска изврши увид во работата на градежната компанија која во моментот ги изведува последните 250 метри од основниот проект долг 1380 метри, по што се продолжува со изградба на секундарна фекална мрежа долга еден километар.

Со ова, како што информираат од Општина Кисела Вода, околу 900 граѓани добиваат современи услови за живот, кои им се ветувани децении наназад. По завршувањето на активностите за изградба на фекалната канализација, Општина Кисела Вода ќе изврши асфалтирање на теренот. Се работи за улици на површина од околу 12 000 квадратни метри.

- Реализацијата на денешниот проект во населбата „Градинар“ е вистинска дефиниција за тоа што значи нешто да неопходно и што треба да бидат приоритетите на една локална самоуправа. Околу 900 жители на населбата „Градинар“ декади наназад бараа и не добиваа современи услови за живот, бараа нешто што го имаат сите во 21-виот век, фекална канализација. Со задоволство можам да истакнам дека до крајот на април, ќе завршиме со изградбата на фекалната мрежа која е во вкупна должина од околу 2.4 километри и конечно, фекалните води ќе завршуваат во изведените колектори по булеварот „Србија“ и покрај „Усјанскиот Канал“, рече Ѓорѓиевски.

Тој најави дека по ова ќе следи градежен зафат за асфалтирање на улиците, на површина од околу 12 000 квадратни метри, со што целиот проект ќе биде финализиран и жителите од овој дел на Кисела Вода ќе имаат многу подобро секојдневие.  

- Ова е проект кој им го ветив, како итен и неопходен, и претставува доказ дека мојот даден збор вреди. Сите инфраструктурните зафати за надминување на проблеми чие постоење е недозволиво за денешницата, се поставени многу високо на листата на приоритети на моето делување како градоначалник и се надевам дека многу скоро ќе ги надминеме. Кисела Вода ќе продолжиме да ја градиме како модерно и урбано место за живеење, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски при денешниот увид во градежните зафати во населбата „Градинар“. дма/сп/

Фото: Општина Кисела Вода

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан