• сабота, 23 ноември 2024

Жарко Караџовски, Игор Ангеловски и Алексеј Тасиќ добија признанија за заслужни граѓани на Општина Аеродром

Жарко Караџовски, Игор Ангеловски и Алексеј Тасиќ добија признанија за заслужни граѓани на Општина Аеродром
Скопје, 11 април 2021 (МИА) - По повод 16 години постоење на Општина Аеродром, денеска во паркот „Авионче“ беше поставено изложбено плато на отворено со наслов „Минато, сегашност, иднина“, каде градоначалникот Златко  Марин додели три признанија на заслужни жители на Општина Аеродром за 2020 година. Признанијата беа доделени на Алексеј Тасиќ, ученик во деветто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, кој освои златен медал на Меѓународната иранска геометриска олимпијада, потоа Игор Ангеловски, селектор на фудбалската репрезентација на Република Северна Македонија, кој за првпат, ја однесе нашата земја на европско првенство. Признанието беше доделено и на примариус д-р Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Градоначалникот Марин додаде дека со реализацијата на овие проекти, Општина Аеродром се доближува до вредностите на Европската Унија. -Жителите на Општината заслужуваат да живеат со овие вредности на Европа и ние како општинска администрација, ги користиме сите можности, проекти, соработка со други општини, граѓански организации, како и меѓугранична соработка со нашите соседи за да ги подобриме условите за живеење во Општината, рече Златко Марин. Тој посочи дека ќе продолжат да ги подобруваат условите за живот во Општината, и да ги негуваат европските вредности. Инаку, во посета на Општина Аеродром е и градоначалникот на нишката Општина Палилула, Братислав Вучковиќ, со кого утре градоначалникот Марин ќе потпише Меморандум за соработка, како и Предраг Умиќевиќ, инженер за заштита на животната средина од Смедерево, кој се очекува да ги сподели своите искуства од оваа област. бт/дма/

Остани поврзан