• сабота, 23 ноември 2024

Ењеди, Бегиќ, Маринковиќ, Стараче и Венинова во жири на „Киненова“

Ењеди, Бегиќ, Маринковиќ, Стараче и Венинова во жири на „Киненова“
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Илдико Ењеди од Унгарија, Аида Бегиќ од Босна и Херцеговина, Паво Маринковиќ од Хрватска, Симоне Стараче од Италија и Елеонора Венинова од Северна Македонија, се годинешните членови на жирито кое ќе одлучува за главната натпреварувачка програма составена од осум филмови и за кратките филмови на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Режисерката Илдико Ењеди е годинешниот лауреат на Наградата за особен придонес во светската филмска уметност, а таа исто така е и претседател на жирито. Директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ на денешната прес-конференција на која беа претставени членовите на жирито, рече дека оваа година фестивалот има посебно силно жири, кое ќе одлучува за главната програма и за кратките филмови. Според Илдико Ењеди, еден филмаџија мора да биде прагматичен, креативен и иновативен, да знае да ги искористи сите алатки кои му се на располагање, но и да се прилагодува на околоностите. - Во Унгарија имавме среќни години, кога имавме финансиски средства на располагање и поддршка за правење филмови, а немаше политичко мешање во тој процес. Мислам дека имавме добри девет години, кога многу брзо се градеа меѓународни врски, а многу филмови можеа да се прават со меѓународни копродукции. Но, тој период заврши. Сега филмската индустрија е контролирана со многу пари, така што денешните филмаџии се многу храбри бидејќи изработуваат филмови со недоволно финансиска поддршка од државата, додаде Ењеди на прес-конференцијата. Таа потенцираше дека млади филмаџии се многу „посреќни“ ако се родени во Европа отколку во САД. Во САД, како што рече, понекогаш филмаџиите можат да успеат, но голем дел од нив немаат можност да го покажат својот талент. Сепак, посочи, станува збор за сосема различен начин на финансирање. Режисерката Аида Бегиќ говорејќи за процесот на создавање на филмови, напомена оти филмот во суштина споделува судбини и искуства, а публиката го доживува она што е пренесено како факт на животот. Според режисерот Паво Маринковиќ, Хрватска е една од првите држави каде филмаџиите почнаа со поинаква, подефинирана структура на создавање на филмови, во смисла на организацијата и во смисла на соработка со странски тимови и екипи кои се стручна за филмската област. Тој напомена дека КОВИД-19 направи еден сериозен дисбаланс на филмската индустрија. - Минатите години поради ковид ситуацијата, голем број на филмови кои почна да се снимаат, не можеа да се пласираат на пазарот. Дури сега сериозно почна снимањето на филмовите. Важно е повторно да добиеме еден баланс. Треба да им се даде простор и на новите филмаџии, додаде Маринковиќ. Игор Анѓелков од „Киненова“ на прес-конференцијата најави дека во моментов се подготвува премиера на прв долгометражен филм на македонската режисерка Елеонора Венинова, која е дел од жирито, насловен „Преекспонирано“. По завршувањето на прес-конференцијата, добитничката на Наградата за особен придонес во филмска уметност, Илдико Ењеди одржа мастерклас за публиката, споделувајќи ги нејзините филмски искуства.бт/цр

Остани поврзан