ЕУ усвои правила за онлајн аплицирање за Шенген визи
- Советот на ЕУ денеска усвои два прописи со нови правила со кои се овозможува онлајн аплицирање за виза за патување во Шенген зоната, јави дописникот на МИА од Брисел.
Брисел, 13 ноември 2023 (МИА) – Советот на ЕУ денеска усвои два прописи со нови правила со кои се овозможува онлајн аплицирање за виза за патување во Шенген зоната, јави дописникот на МИА од Брисел.
- Можноста за аплицирање за Шенген виза преку интернет ќе претставува големо подобрување за граѓаните и за обработката на апликацијата. Тоа ќе го поедностави процесот на аплицирање за патниците и во исто време ќе ги растовари националните администрации, кои ќе можат да одговорат побрзо и поефективно, изјави шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ
Со новите прописи се предвидува создавање платформа за аплицирање за виза за влез во ЕУ, преку која ќе се поднесуваат сите барања за издавање на Шенген визи, со неколку исклучоци. На платформата, апликантите за виза ќе можат да ги внесат сите релевантни податоци, да прикачуваат електронски копии од нивните патни и други придружни документи, како и да го платат соодветниот надомест.
Со ваквата платформа, како што се додава во соопштението на ЕУ, апликантите за визи повеќе нема да имаат потреба да одат лично во амбасадите или конзулатите. Аплицирање со физичко присуство ќе биде потребно само за оние лица кои првпат поднесуваат барање за виза, чии биометриски податоци повеќе не се валидни или пак имаат нов патен документ.
Новите прописи, исто така, предвидуваат замена на сегашните налепници за визи со криптографски потпишан баркод.
Новите прописи ќе стапат во сила на 20-от ден од нивното објавување во Службениот весник на Европската Унија, а нивната примена ќе почне откако ќе бидат завршени сите технички формалности околу новата визна платформа и дигиталните визи. сп/
Фото: МИА Архива