• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ повикува на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах и во Газа

ЕУ повикува на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах и во Газа

Брисел, 23 септември 2024 (МИА) - Европската Унија е крајно загрижена поради ескалацијата на непријателствата во Либан, по нападите во Бејрут во петокот, при што беа убиени и најмалку три деца, како и поради зголеменото прекугранично насилство меѓу Израел и Хезболах, проследено со напади и на израелска и на либанска територија, порача високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел во врска со најновите тензии на Блискиот Исток. 

Во писмената изјава, Борел нагласува дека е потребен итен прекин на огнот преку „Сината линија“ на разграничување меѓу Либан и Израел, како и во Појасот Газа. 

- Цивилите од двете страни (на границата) плаќаат висока цена. Тие, исто така, најмногу ќе страдаат во случај на целосна војна, која мора да биде избегната, вклучително и со обновени интензивни напори за дипломатско посредување. Ова ќе биде високо на нашата агенда на Генералното собрание на ОН, наведе Борел, кој е дел од делегацијата на ЕУ што престојува во Њујорк заради учество на овонеделното Генерално собрание на Обединетите нации. 

Борел во писмената изјава додава и дека ЕУ уште еднаш повикува на „целосна и симетрична имплементација“ на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН. 

Резолуцијата 1701, која е донесена во август 2006 година за време на тогашната Војна меѓу Израел и Хезболах, повикува на целосен прекин на непријателствата меѓу двете завојувани страни, повлекување на израелските сили од јужен Либан, распоредување на либански и на сили на УНИФИЛ на тоа подрачје, како и разоружување на сите вооружени групи, вклучувајќи го и Хезболах. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан