• вторник, 24 декември 2024

ЕУ одвои 10 милиони евра за помош на украинските истражувачи-бегалци 

ЕУ одвои 10 милиони евра за помош на украинските истражувачи-бегалци 

Брисел, 18 април 2024 (МИА) - Европската комисија денеска соопшти дека издвоила дополнителни 10 милиони евра наменети за поддршка на истражувачите кои биле принудени да ја напуштат Украина поради војната. 

Станува збор за средства алоцирани преку програмата „Марија Склодовска-Кири акции“, која е создадена за да ги поддржува раселените украински истражувачи од почетокот на руската агресија врз Украина. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, овие дополнителните средства ќе им овозможат на најмалку 50 истражувачи, вклучително и докторанти и доктори на науки кои ја напуштиле Украина, да продолжат со својата работа на истражувачки проекти на универзитети, компании, истражувачки центри и други институции со ЕУ и во земји вклучени во програмата „Хоризонт Европа“, меѓу кои е и Северна Македонија. 

- Тоа, исто така, ќе им овозможи на истражувачите пристап до обука, вештини и можности за развој на кариерата. Специфична поддршка ќе биде достапна и за организациите кои се домаќини на истражувачите и за оние соработници кои се преселени заедно со нивните семејства, се додава во соопштението на ЕК. 

Преку програмата „Марија Склодовска-Кири акции“, која е дел од пошироката поддршка на ЕУ за Украина, досега се поддржани 125 раселени украински истражувачи, кои се обучуваат и работат во 21 земја. 

ЕУ неодамна отвори и Канцеларија на „Хоризонт Европа“ во Киев и воспостави инструмент за помош на украинските технолошки компании во рамки на Европскиот совет за иновации (ЕИЦ). Дополнително, формиран е и Центар на Европскиот институт за иновации и технологија (EИТ) во Украина, што треба да им овозможи пристап до партнери, пазари, опрема, обуки и инвестиции на оние украински иноватори кои ќе останат во нивната земја. сп/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан