• вторник, 24 декември 2024

ЕУ одвои пет милиони евра хуманитарна помош за луѓето во Нагорно-Карабах 

ЕУ одвои пет милиони евра хуманитарна помош за луѓето во Нагорно-Карабах 

Брисел, 26 септември 2023 (МИА) - Kако одговор на зголемените потреби кои произлегуваат од кризата во Нагорно-Карабах, ЕУ донесе одлука да го зголеми своето хуманитарно финансирање за помош на луѓето од регионот со пет милиони евра, соопшти денеска Европската комисија. 

- Ескалацијата на конфликтот и прекин на огнот по неа се очекува да предизвика масовен егзодус на луѓе од Нагорно-Карабах во Ерменија, при што околу 13.500 бегалци веќе ја поминале границата. Во исто време, постои голем недостиг на храна и пристап до електрична енергија и вода во енклавата Нагорно-Карабах, посочува ЕК. 

По повод одлуката за доделувањето на новата помош еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич изјави дека ЕУ мора да биде подготвена да ги поддржиме илјадниците луѓе кои решија да го напуштат Нагорно-Карабах, особено затоа што претстојната зима нив веројатно ќе ги изложи на дополнителни предизвици.  

- ЕУ драстично ја засилува својата хуманитарна помош во регионот за да обезбеди итна помош за луѓето на кои им е потребна, како во енклавата Нагорно-Карабах, така и на лицата сега раселени во Ерменија. ЕУ е посветена да ги координира хуманитарните напори на терен за да им помогне на луѓето погодени од овој конфликт, додаде Ленарчич. 

Хуманитарната помош од 5 милиони евра ја вклучува итната поддршка од 500.000 евра најавена минатата недела, како и дополнителни 4,5 милиони евра наменети за раселените лица и за ранливите категории граѓани во Нагорно-Карабах. 

Помошта за раселените лица ќе биде испорачана преку хуманитарни партнери на ЕУ кои работат во Ерменија, при што приоритет е да се обезбеди парична помош, сместување, храна и егзистенција за околу 25.000 луѓе.   

Помошта, пак, за ранливите лица ќе се дистрибуира преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст и има за цел да поддржи околу 60 000 луѓе со храна, здравствена заштита, засолништа и логистика. 

ЕУ, исто така, именува и хуманитарен експерт во регионот, кој ќе работи со хуманитарните партнери на ЕУ на теренот за да обезбеди брз одговор на кризата. 

Заедно со денешните средства, од ескалацијата на конфликтот во Нагорно-Карабах во 2020 година Европската комисија обезбеди над 25,8 милиони евра хуманитарна помош. По избувнувањето на конфликтот во Нагорно-Карабах во 2020 година, Комисијата веднаш обезбеди 6,9 евра милиони во хуманитарна поддршка за да одговори на потребите на цивилите директно погодени од непријателствата. 

Хуманитарното финансирање од ЕУ се обезбедува во согласност со хуманитарните принципи на хуманост, неутралност, непристрасност и независност. Европската комисија, исто така, игра клучна улога во олеснувањето на хуманитарната координација и размената на информации меѓу различни организации, вклучително и донатори, власти и хуманитарни партнери, се додава во соопштението. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан