• четврток, 26 декември 2024

ЕУ и го честиташе изборот на Клаудија Шејнбаум за претседателка на Мексико 

ЕУ и го честиташе изборот на Клаудија Шејнбаум за претседателка на Мексико 

Брисел, 4 јуни 2024 (МИА) - Европската Унија и го честита „историскиот избор“ на Клаудија Шејнбаум за прва жена претседател на Мексико и ја поздравува силната приврзаност на мексиканскиот народ кон демократијата демонстрирана во текот на кампањата и на денот на општите избори во земјата, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во честитката упатена до новоизбраната мексиканска претседателка. 

- ЕУ сака дополнително да го зајакне своето стратешко партнерство со Мексико, градено на заеднички интереси во многу области и на заедничка посветеност на демократијата, човековите права и мултилатералниот глобален поредок заснован на правила, наведува Борел во честитката упатена во името на ЕУ. 

Борел во пораката додава и дека ЕУ со нетрпение очекува да работи со новоизбраните власти на Мексико за продлабочување на соработката за доброто на граѓаните на двете страни во сите области од заемен интерес, како што се економските односи, зелената транзиција, социјалната инклузивност, безбедноста и дигиталната агенда. 

Честитка до Шејнбаум за изборот упати и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. 

- Со нетрпение очекувам да работам со вас на зајакнување на стратешкото партнерство ЕУ-Мексико, на нашите регионални врски и на модернизација на Глобалниот договор ЕУ-Мексико, наведе Мишел во објава на Икс. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан