• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ ги осуди изјавите на палестинскиот лидер Абас за Холокаустот 

ЕУ ги осуди изјавите на палестинскиот лидер Абас за Холокаустот 

Брисел, 8 септември 2023 (МИА) - Европската унија ги осуди ставовите за Холокаустот што ги изнесе претседателот на Палестинската автономна управа Махмуд Абас на заседанието на Револуционерниот совет на движењето Фатах, оценувајќи дека тие содржеле „лажни и крајно погрешни забелешки за Евреите и антисемитизмот“. 

- Ваквите искривувања на историјата се потпалувачки и длабоко навредливи и можат само да послужат за поттикнување на тензиите во регионот и не служат во ничии интереси. Тие одат во прилог на оние кои не сакаат решение со создавање две држави, за што претседателот Абас постојано се залагаше, се наведува во реакцијата на Европската служба за надворешни работи. 

Според ЕУ, со ваквите изјави не само што се банализира Холокаустот, туку се поттикнува антисемитизмот и се навредуваат милионите жртви на нацистичкиот режим и нивните семејства. 

- Европската унија останува посветена на борбата против антисемитизмот и расизмот во сите негови форми и ќе продолжи силно да се спротивставува на секој обид за одобрување, оправдување или банализирање на Холокаустот, се додава во соопштението. 

Абас на седницата на Советот на Фатах минатата недела изјави дека нацистичка Германија убила шест милиони Евреи за време на Холокаустот поради нивната „општествена улога“ како лихвари, а не затоа што биле Евреи. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан