• петок, 22 ноември 2024

ЕУ воведе санкции кон четворица поединци и два ентитети поради тортура и сексуално и родово насилство 

ЕУ воведе санкции кон четворица поединци и два ентитети поради тортура и сексуално и родово насилство 

Брисел, 22 јули 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска воведе дополнителни рестриктивни мерки кон четири физички лица и два ентитета врз основа на Глобалниот режим за санкции на Унијата поради кршење на човекови права, поради нивна одговорност за тортура и систематско и широко распространето сексуално и родово насилство. 

На листата на санкционирани врз основа на оваа рамка се додадени началникот на Генералштабот на сириските Вооружени сили, Абдел Карим Мохамад Ибрахим и поранешниот министер за одбрана на Сирија и заменик врховен командант на сириската армија, Али Махмуд Абас, на кои им се припишува командна одговорност за систематска и широко распространета тортура, силување, како и сексуално и родово насилство врз цивили од страна на припадници на вооружените сили под нивна команда. 

Исто така, санкции се воведени и кон министерот за државна безбедност на Северна Кореја, Ри Чанг Дае, кој се смета за одговорен за бројни акти на сексуално и родово насилство извршени од службеници на неговото Министерство, особено врз жени и девојки кои покажуваат противење на режимот или се држени во притвор или затворски центри. 

Четвртиот поединец додаден на листата на санкционирани е Евгениј Соболев, шеф на проруската Казнено-поправна служба, инсталирана од страна на Русија во привремено окупираната област Керсон. Според Советот, постојат документирани информации дека под негова команда се спроведува широко распространета и систематска шема на кршење на човековите права во притворските установи во областите под контрола на руските окупаторски власти, вклучително и регионот Керсон, вклучувајќи тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување и сексуално и родово засновано насилство. 

Покрај кон четворицата поединци, санкции се воведени и кон бандата Кокорат Сан Рас од Хаити, која е „добро позната по употребата на насилството врз жените“, како и кон притворскиот центар МСС на округот Онсонг во севернокорејската провинција Северен Хамгјонг, каде „тортурата и друг суров, нехуман или понижувачки третман се вообичаени практики“. 

Со денешните проширување на листите на санкционирани, со рестриктивни мерки согласно Глобалниот режим на ЕУ за санкции за кршење на човекови права се опфатени 117 физички лица и 33 ентитети од повеќе земји од целиот свет. 

На санкционираните им е замрзнат на имотот и е забрането, директно или индиректно, да им се обезбедуваат средства или економски ресурси, на физичките лица опфатени со санкциите им е забрането и патување во ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан