• четврток, 26 декември 2024

Ердоган: Советот за безбедност на ОН треба да се реформира

Ердоган: Советот за безбедност на ОН треба да се реформира

Анкара, 5 април 2023 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно ја истакна потребата од реформирање на системот на ОН, јави Анадолија.

„Светскиот поредок, во кој судбината на човештвото ја решаваат само пет земји, е некомпетентен. Итно е потребна сеопфатна реформа на Советот за безбедност на ОН“, рече турскиот лидер по церемонијата на ифтар (вечера за време на Рамазан) во седиштето на владејачката Партија на правдата и развојот во Анкара.

Во однос на перспективите за решавање на украинската криза, тој изрази уверување во можноста за воспоставување праведен мир меѓу Русија и Украина.

Според него, постигнувањето на оваа цел „ќе им овозможи на партиите достоинствен излез од сегашната ситуација и ќе го извади регионот од вртлогот во кој е вклучен“.

Турскиот претседател го изрази и својот став за провокациите против светата книга на Муслиманите - Куранот, кои се случуваат во голем број земји.

„Одвратните провокации, вклучително и палењето на Куранот, во никој случај не се прифатливи и не може да се оправдаат“, рече тој.

Претседателот Ердоган истакна дека таквите акции претставуваат „јасно и недвосмислено кривично дело од омраза“.

„Таквите ѕверства, што навредуваат и разгневуваат речиси две милијарди луѓе, треба да бидат прекинати“, повика шефот на турската држава. паг/



Остани поврзан