• вторник, 11 март 2025

ЕП ќе отвори и канцеларија за Источното партнерство во Кишињев 

ЕП ќе отвори и канцеларија за Источното партнерство во Кишињев 

Брисел, 11 март 2025 (МИА) - Во контекст на заголемените геополитички тензии и обновениот моментум на проширувањето на ЕУ, покрај канцеларија во Тирана задолжена за контакти со земјите од Западниот Балкан, Европскиот парламент ќе отвори и претставништво во Кишињев, кое ќе претставува клучна точка за односи со националните парламенти, граѓанското општество и локалните партнери од државите во регионот на Источното партнерство. 

- Канцеларијата ќе ги промовира позициите и активностите на Парламентот и ќе ги поддржува демократијата и институционалните реформи во регионот. Таа ќе помага во подготовката и следењето на официјалните посети на европратениците, истовремено засилувајќи ја соработката со другите актери на ЕУ на терен, меѓународните организации и граѓанското општество, соопшти Европскиот парламент. 

Одлуката за отворање на Канцеларијата на ЕП во Кишињев доаѓа во пресрет на денешното гласање на европратениците за создавање на нов Инструмент за реформи и раст на Молдавија вреден 1,9 милијарди евра, наменети за забрзување на социо-економските реформи во земјата, зајакнување на нејзината отпорност и унапредување на молдавската интеграција во ЕУ, преку грантови и заеми со ниски камати. 

- Основањето на канцеларијата во Кишињев ја нагласува силната поддршка на Европскиот парламент за регионот на Источното партнерство, истовремено поттикнувајќи ја стабилноста, демократијата и поблиските врски меѓу ЕУ и нејзините соседи. 

Претходно, ЕП соопшти дека ќе отвори канцеларија во Тирана со цел дополнително зајакнување на својот ангажман со земјите од Западен Балкан. 

- Европскиот парламент постојано ја поддржува европската перспектива на Западниот Балкан, препознавајќи ја неговата стратешка важност за регионалната стабилност и поширокиот европски проект. Основањето на канцеларијата ја одразува пошироката стратегија на ЕУ за продлабочување на ангажманот со земјите кандидати. Виталната потреба за зајакнување на партнерствата на ЕУ во Западен Балкан стана уште појасна со оглед на актуелните геополитички предизвици, меѓу кои и руската војна во Украина, се наведува во соопштението. 

Според ЕП, отворањето на канцеларијата во Тирана ја нагласува силната посветеност на Парламентот за поддршка на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во ЕУ, паралелно со поттикнувањето на стабилноста, демократијата и поблиските врски меѓу Унијата и нејзините соседи. 

Во моментов, Парламентот има три оперативни канцеларии во Њујорк - за односи со Обединетите нации, во Џакарта - за односи со Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН) и во Адис Абеба - за односи со Африканската унија. Одлуката за отворање на канцелариите во Тирана и Кишињев, следи по претходните решенија за основање претставништва во Киев, како и во Панама Сити, кое ќе биде задолжено со односите со Латинска Америка и Карибите. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан