• сабота, 23 ноември 2024

ЕК усвои План за имплементација на Пактот за миграција и азил на ЕУ 

ЕК усвои План за имплементација на Пактот за миграција и азил на ЕУ 

Брисел, 12 јуни 2024 (МИА) – Европската комисија денеска усвои Заедничкиот план за имплементација на Пактот за миграција и азил, кој ги поставува клучните чекори што треба да ги преземат земјите членки за воспоставување на правните и оперативните капацитети за успешна имплементација на новиот сет на законодавни акти во следните две години до средината на 2026 година. 

Комисијата посочува дека ова ќе биде заеднички потфат, при што таа ќе ги поддржува земјите членки на секој чекор од имплементацијата, а дополнително агенциите на ЕУ ќе обезбедат и оперативна поддршка во текот на овој процес. 

Заедничкиот план за имплементација дава образец за националните планови за имплементација што треба да ги усвојат земјите членки до крајот на оваа година и ги групира правните, техничките и оперативните активности во 10 блокови фокусирани на напорите за практична имплементација. Сите блокови се фундаментално меѓусебно зависни и треба да се имплементираат паралелно. 

Блоковите вклучуваат воспоставување заеднички информативен систем за миграција и азил (Евродак) и на Нов систем за управување со миграцијата на надворешните граници на ЕУ, обезбедување адекватни животни стандарди апликантите за азил согласно нивните потреби, како и воведување правични, ефикасни и конвергентни процедури за азил и ефикасни и правични процедури за репатријација на оние кои немаат право да останат во ЕУ. Натаму се предвидува воспоставување на праведен и ефикасен систем за функционирање на новите правила, солидарноста во распределба на мигрантите, подготвеност и планирање за одговор на вонредни ситуации и кризи, воведување нови заштитни мерки за барателите на азил и за ранливите категории лица, како и нивно преселување, инклузија и интеграција.  

- Пактот за миграција и азил претставува сеопфатен и целосен пристап за управување со миграцијата. Затоа, Комисијата со земјите членки продолжува со пристап во два правци, придружувајќи ја законодавната работа на ниво на ЕУ со оперативните активности. Ова особено вклучува активности на надворешната димензија на миграцијата, преку стремеж кон сеопфатни партнерства со земјите партнери. Иако активностите во оваа област не се поврзани со законски обврски, ќе биде од суштинско значење ЕУ да продолжи и дополнително да ја интензивира работата со земјите партнери, особено во три клучни области: борба против криумчарењето мигранти и ефективна реадмисија и реинтеграција, посочува ЕК. 

Заедничкиот план за имплементација официјално ќе им биде претставен на земјите членки на следниот Совет за внатрешни работи на ЕУ, како основа за подготовка на националните планови за имплементација кои треба да бидат изработени до декември 2024 година.  

Земјите-членки можат да сметаат на оперативната, техничката и финансиската поддршка на Комисијата и агенциите на ЕУ во текот на целиот процес, а исто така може да добијат поддршка од Инструментот за техничка поддршка, кој ќе објави посебен повик за поддршка во изработката на нивните национални планови за имплементација.  

Комисијата посочува и дека внимателно ќе го следи напредокот постигнат со спроведувањето на Пактот и за тоа редовно ќе ги известува Европскиот парламент и Советот на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива 
 

Остани поврзан